Американскиот претприемач и милијардер Елон Маск го праша рускиот претседател Владимир Путин дали би бил заинтересиран да му се придружи во разговор на социјалната мрежа „Клабхаус“. Потегот на еден од најбогатите луѓе во светот предизвика голем интерес за темите, за кои би можеле да зборуваат.
Извршниот директор на „Тесла“ директно ја „тагираше“ официјалната сметка на рускиот претседател на Твитер, прашувајќи: „Дали сакате да ми се придружите во разговор во „Клабхаус?“
Маск, исто така, му напиша на Путин на руски јазик дека ќе му биде голема чест да разговара со него.
Тој не прецизираше на кој јазик ќе се зборува. Освен неговиот мајчин руски јазик, Путин течно зборува германски и разумно зборува англиски.
Кремљ сè уште не одговорил на повикот, но добро е познато, како што наведува „Раша Тудеј“, дека Путин не користи Интернет, за кој смета дека е „проект на ЦИА“.
„Клабхаус“ е аудио социјална платформа, на која пишаните пораки не можат да се разменуваат, туку само вербално.
Апликацијата дозволува приватни разговори, но „Клабхаус“ досега беше домаќин и организираше масовни настани, за време на кои луѓето можеа да се вклучат и да ја слушаат дискусијата меѓу говорниците.
Понудата на Маск предизвика вистинска сензација на социјалните мрежи, а луѓето најмногу изразија поддршка и голем интерес за ваква средба.