Директорот на Агенцијата за вработување, Абдуш Демири денес објави дека 18 174 лица до 31 јануари оваа година, останале без работа и тоа во периодот на кризата, односно после 11-ти март 2020 година.
„Секако бројката е зголемена за време на пандемијата, нашата пресметка според одјавите, вели дека има приливи и од други основи, од пасивни преминуваат во активни баратели, на пример поради пакетот економски мерки од Владата“, рече Демири.
Тој исто така соопшти дека заклучно со денес, околу 54.000 лица доцнат со пријавувањето во евиденцијата на невработени.
„Јавно го повикувам сите оние лица кои ги надминале роковите за пријава, да го сторат тоа во наредните 30 дена, почнувајќи од утре, да дојдат во центрите за да ја регулираат својата обврска. Тоа да биде најдоцна до петок 19-ти март“, потенцира Демири.
Според податоците што ги изнесе, на веб-страницата на Агенцијата за вработување на дневна основа во просек има активни конкурси и меѓу 6.000 до 7.000 слободни работни места.