СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Оштетени штедачи: По одлуката на Уставен останува прашањето дали фирмите треба да работат преку банка?

„Уставниот Суд на седницата одржана на 24.02.2021 година реши да не поведе постапка за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки, со којшто на Фондот за осигурување на депозити му се дава предимство при наплата на побарувањата во стечајната постапка во однос на сите други доверители. Ние, оштетените депоненти од Еуростандард Банка, физички и правни лица, длабоко сме разочарани од ваквата одлука бидејќи сме убедени, и покрај ваквата одлука на Уставниот Суд, дека оваа одредба е неуставна и претставува огромен проблем за сигурноста на сите депоненти кои имаат депозити во македонските банки или се принудени, поради законската регулатива (Закон за спречување на перење пари и финансирање на тероризам), да работат преку банкарски сметки. Останува прашањето дали пораката до народот со неукинување на овој член е дека парите над осигурената сума за физички лица и целокупната сума на правни лица во банките им се несигурни и истите треба да си ги повлечат. И дали фирмите не треба да работат преку банка?“, прашуваат Оштетените штедачи на Еуростандард.

„Ваквото наше убедување по одржаната седница на Уставниот Суд од 24.02.2021 година е уште поголемо бидејќи седницата беше од отворен тип, и на истата присуствуваше јавноста, меѓу која имаше и наши претставници. Во таа смисла, ги охрабруваме нашите членови и сите оштетени да истраат во битката, бидејќи иако е донесена негативна одлука, ние чувствуваме МОРАЛНА ПОБЕДА зашто излагањето на четворицата судии кои ја поддржаа иницијативата имаа издржано излагање, и тоа чувство ќе го споделиме и докажеме на јавноста во целост во наредните денови. Воедно, на сите кои сега тријат раце и сметаат дека конечно „не решиле” и не тргнале од патот им порачуваме – ПРАВДАТА И ВИСТИНАТА СЕ КАКО ШИЛО, забавуваат, но упорно вртат, се пробиваат, и на крајот, сепак стигнуваат таму каде што треба.

За ваквиот наш став и цврсто убедување придонесоа и излагањата на четворицата судии на кои јавно им се заблагодаруваме за изнесените мислења. Тоа се судиите Јован Јосифовски како судија известител, Никола Ивановски, Дарко Костадиновски и Елена Гошева. Нивните дискусии и образложенија за неуставноста на член 163 став 3 од Законот за банки беа далеку над нивото од дискусиите на судиите кои не ја поддржаа иницијативата. Сите четворица наведени судии изнесуваа аргументи, цитираа одредби од законите и уставот, даваа поткрепени стојалишта на своите размислувања, едноставно, јасно, концизно и прецизно, за секој да разбере, изнесоа дека иницијативата треба да биде прифатена.

Наспроти нив беа петте судии кои негативно се определија по однос на иницијативата. Тоа се судиите Сали Мурати, Насер Ајдари, Осман Кадриу, Вангелина Маркудова и Добрила Кацарска. Нивните дискусии (Добрила Кацарска дури и не дискутираше, туку се повика на некоја претходна дискусија) беа бледи, неаргументирани, со потенцирање на некаква социјална сигурност (небаре Уставниот Суд е социјална установа), без концизност во излагањата, со нејасни и непрецизни размислувања до тој степен, што известителот Јован Јосифовски во еден момент буквално ги праша да појаснат зошто всушност тие сметаат дека одредбата од Законот за банки е во согласност со Уставот. Тогаш настана молк, и на сите, дури и на најголемите лаици присутни на седницата им стана јасно кој е во право и на чија страна е правдата. Поточно, стана јасно во буквална смисла дека иницијативата е основана, и дека нема аргументи истата да не биде прифатена. Но, очигледно, во оваа држава ниту во Уставниот Суд не владее правото и правдата.

Според тоа, можеме да резимираме дека кога правото не владее на така високо ниво како што е Уставниот Суд, станува се појасно и поочигледно каде е проблемот со оштетените физички и правни лица во Еуростандард Банка. Имено, антипод на владеење на правото е владеење на неправото. Владеење на неправото со себе повлекува правна несигурност и ерозија на вербата во институциите. Ние тоа најдобро го почувствувавме на своја кожа, бидејќи две високи и моќни институции во државата кои треба да бидат гарант на сигурноста, стабилноста и вербата во институциите, но и гарант на правата, правдата и законитоста, директно ни го покажаа патот кон несигурноста и неправото. Имено, од една страна, Народна Банка која требаше да биде гарант за сигурноста на нашите вложени пари дозволила речиси една деценија истите систематски да се одлеваат и ограбуваат речиси без контрола. Од друга страна, Уставниот Суд кој треба да биде чувар на уставноста, законитоста и заштитник на темелните вредности на уставниот поредок, не поведе постапка за оценување на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки, којшто е очигледно спротивен на Уставот. Со тоа, ние повторно ќе бидеме ограбени во стечајната постапка.

Токму затоа, за нас оштетените од Еуростандард Банка јасен е изборот што го направи оваа држава, меѓу, од една страна, несигурноста, нестабилноста и криминалот, и од друга страна, владеењето на правото, уставноста и законитоста. Таа ја избра првата опција. Нека е со среќа изборот, одиме понатаму, борбата продолжува!“, додаваат оттаму.

Поврзани вести

Стартува Самитот Македонија 2025

Алексова: Неповратна финансиска помош за спас на туризмот и угостителството

Влатко Зорба

Од Скопје до Москва за 125 евра

Влатко Зорба