Хрватското Министерство за финансии во петокот објави дека продало две транши обврзници на меѓународниот пазар на капитал во вкупен номинален износ од 2 милијарди евра, што е прво задолжување на државата со обврзници од почетокот на годинава.
Во четвртокот, Министерството за финансии реализираше две транши обврзници, 12-годишни обврзници, со рок на достасување во 2033 година, во номинален износ од една милијарда евра, со купонска каматна стапка од 1,125 проценти и принос од 1,257 проценти и 20- годишни обврзници, со достасување во 2041 година, со номинален износ од една милијарда евра, со годишна каматна стапка од 1,75 проценти и принос од 1,788 проценти.
Рокот на достасување на издадените еврообврзници за прв пат беше продолжен на 20 години, што и обезбеди на Хрватска најдолго финансирање во нејзината историја на меѓународниот пазар на капитал, што беше добро поддржано од меѓународната инвестициска заедница, се вели во соопштението на Министерството.
Како што понатаму се посочува, постои исклучително силна побарувачка на инвеститори и за двете транши од емисијата на еврообврзници, во вкупен износ над 6,4 милијарди евра, што е 3,2 пати повеќе од вкупниот номинален износ на емисијата.
-Благодарение на избраното време за спроведување на трансакцијата, и покрај сложените услови на пазарот, беа постигнати исклучително поволни услови за Република Хрватска, со дури 30 основни поени пониско од првично објавената цена за двете транши, според Министерството.
Парите собрани од последното задолжување ќе бидат наменети за општи буџетски цели и за рефинансирање на постојните хрватски еврообврзници, со рок на достасување во март 2021 година, во износ од 1,5 милијарди долари, со каматна стапка од 6,375 проценти.
Со оглед на ниските купонски каматни стапки реализирани за денешната емисија – од 1,125 и 1,750 проценти за обврзници со рок на доспевање во 2033 и 2041 година, ќе се направат значителни заштеди на трошоците за камати во буџетот, според Министерството за финансии. Ова е износ од повеќе од 460 милиони годишно за износот на рефинансирање, што исто така е предвидено во државниот буџет за 2021 година и проекциите за 2022 и 2023 година.