Федералните резерви на САД (ФЕД) на дводневната сесија, која заврши синоќа, одлучија да ги задржат каматните стапки близу до нула и најавија дека ќе продолжат да ги користат сите алатки од својот арсенал за поддршка на закрепнувањето на нарушената економија.
Во соопштението се вели и дека тие се подготвени да ја „прилагодат својата позиција во однос на монетарната политика доколку е потребно, доколку се појават ризици“, а еден од ризиците е поврзан со скокот на инфлацијата, пишува Си-Ен-Ен. ФЕД очекува привремен пораст на инфлацијата во наредните месеци.
Кога станува збор за други ризици, се споменуваат состојбата на јавното здравје, состојбата на пазарот на трудот и трендовите на финансискиот пазар. Федералните резерви на САД, исто така, предвидуваат дека растот на потрошувачките цени ќе изнесува 2,4% до декември 2021 година, што е над 1,8%, како што се предвидуваше на крајот на 2020 година.
Како и да е, ФЕД е на мислење дека зголемувањето на цените е привремено. Инвеститорите стравуваат дека ФЕД ќе биде принуден да ги зголеми каматните стапки побрзо отколку што се очекуваше да одговори на потенцијално високата инфлација.
Врз основа на ваквите претпоставки, приносите на државните обврзници растат, достигнувајќи го највисокото ниво во изминативе 13 месеци од 1,67 проценти. По објавата на Централната банка на Америка, тој тренд стивна. Во исто време, акциите се искачија на Њујоршката берза на рекордни нивоа.
ФЕД не предвидува какво било зголемување на каматните стапки во 2021 година, а четворица претставници на централната банка очекуваат стапките да бидат покачени од следната година. Засега, референтната каматна стапка останува непроменета во опсег од нула до 0,25 проценти. Покрај тоа, завршувањето на програмата за откуп на обврзници сè уште не е тема за ФЕД.
– Рековме дека ќе продолжиме со откуп на средства според моменталната динамика се додека не видиме значителен понатамошен економски напредок. И, тоа е вистински напредок, не е предвиден – рече претседателот на ФЕД, Џером Пауел.
Официјални лица на централната банка на оваа земја проценија дека американскиот БДП годинава ќе порасне за 6,5 проценти, што е повеќе од 4,2%, предвидено во декември. САД ги очекува подобри економски периоди благодарение на масовната вакцинација, но и поголемите пакети фискални стимулации.