СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Ако подзаконскиот акт на Законот за електронски комуникации биде усвоен без јавна расправа, ќе бидат загрозени многу помалите оператори

Бидејќи подзаконските акти што ги предлага Агенцијата за електронски комуникации вклучуваат интереси на многу страни, потребно е да се слушнат различни мислења во процесот на донесување, поради што е задолжителна јавна расправа пред да се донесат подзаконските акти.

Собранието на Република Северна Македонија минатиот месец ги изгласа измените и дополнувањата на Законот за електронските комуникации, со кој државата сака да го сведе на минимум ризикот од инволвирање на трета земја во синџирот на снабдување на опрема за електронските комуникациски мрежи, ризикот од голема зависност од еден добавувач и производител на ниво на оператор на национално ниво, како и да се елиминираат ризиците за националната безбедност.

Целта на измените и дополнувањата на Законот за електронските комуникации е да се ограничат, забранат и/или наметнат специфични барања и услови базирани на процена на ризик, во однос на снабдувањето, употребата и работењето на опремата за електронските комуникациски мрежи, со цел да се обезбедат „чисти и безбедни електронски комуникациски мрежи”.

Се поставува прашањето како овие измени во Законот за електронски комуникации ќе влијаат на работата и функционирањето на помалите телекомуникациски провајдери во земјава и дали тие ќе можат да одговорат на обврските од законските измени.

За разлика од поголемите играчи на македонскиот телекомуникациски пазар (Македонски Телеком, А1 Македонија, Телекабел, Лајка Мобајл итн), останатите оператори во државата заостануваат во поглед на опрема, финансии, ресурси, персонал и со новите законски измени можно е да биде загрозена нивната егзистенција на пазарот. Со новите измени се наметнуваат и обврски до операторите да имаат воспоставени процедури, а ќе треба да преземат мерки и соодветна контрола со цел ефикасно управување со потенцијалните ризици. Станува збор за специфични побарувања за добавувачи и производители согласно на нивниот профил на ризик, преку соодветна автентикација, авторизација, евидентирање на записи и проверка со цел да се има јасна евиденција на пристапот до податоците и конфигурациските промени на мрежните елементи. Покрај тоа, операторите во рамките на нивната инфраструктура треба да воспоставуваат центри за мрежни операции и/или центри за безбедносни операции, со цел спроведување и следење на мерките за безбедно управување и работење на мрежата.

Сето ова ги става во незавидна позиција и претставува тежок непотребен товар, како и финансиски товар за малите и помалку финансиски моќни провајдери на телекомуникациски услуги во земјата, кои добија голем број нови законски обврски за да можат да го продолжат својот бизнис.

Бидејќи подзаконските акти што ги предлага Агенцијата за електронски комуникации ќе вклучуваат интереси на многу страни, потребно е да се слушнат различни мислења во процесот на донесување, поради што е задолжителна јавна расправа пред да се донесат подзаконските акти. Се почести се случаите без дебата во јавноста и детална анализа со изнесување аргументи за или против, набрзина да се донесуваат законски измени што резултираат со драстична промена на критериумите и условите во различни области, а што резултира со незадоволство кај одредени субјекти во државата.

Поврзани вести

Ангелоска-Бежоска: Размената на искуства со европските колеги и стекнувањето нови знаења е постојана заложба на Народната банка

Влатко Зорба

Буџетот на Министерството за економија за 2020 година ќе изнесува 591 милион денари

Влатко Зорба

Следува „Викенд без ДДВ“: Повратот на целиот платен ДДВ ќе биде вратен на сметките на граѓаните

Берта Китинска