СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Лазаревски: Расходот за буџетските службеници годишно изнесува најмалку една милијарда евра

И овој како и сите досегашни буџети не е развоен.Тоа е само збор, вели за „Стандард“ инвестицискиот советник Руди Лазаревски.

Подеднакво ист според него останува најголемиот проблем, а тоа се се поголемите расходи кои одат како плати за администрацијата.

„Верувам дека расходот за буџетските службеници годишно изнесува најмалку 1 милијарда евра. Додатете ја мистичната ставка стоки и услуги и блок дотации, ќе дојдете до бетонирани расходи од три плус милијарди евра расходи на буџетот, вели Лазаревски.

Зголемувањето на дефицитот а со тоа и на процентот на задолжување предвиден со ребалансот на државната каса според него е очекувано.

„Мој личен поглед е дека сериозните проблеми ќе започнат кога процентот на задолженоста ќе надмине 70 проценти во догледна иднина”, додава тој.

Отворен скептицизам Лазаревски има кон странските иневстиции.

„Државата нема што да продаде на странски инвеститор. Директни странски инвестиции се кога ќе продадете и парите ќе завршат на сметка на државата”, вели тој отворајќи ја дилемата зошто во услови на постоење на технолошко индустриските зони, некој би инвестирал во државата со сите како што вели тој, „постоечки легални и нелегални давачки, ниво на корупција и се останато? “

Ребалансот на буџетот предизвика поделени мислења во јавноста.Иако Владата објаснува дека тој има развојна компоента и во него се предвидени повеќе пари за капитални инвестиции, во државната каса се најдоа пари за К- 15 за административците. Каков е вашиот став по ова прашање особено ако се знае дека се планира зголемување на дефицитот на 6.5 % од БДП, задолжувања од над 200 милиони евра и јавен долг близу 66%?

-Со години наназад, секоја влада претендира на развоен буџет. Но тоа останува(ше) само на збор. Развојната компонента на буџетот е тесно одредена од односот приходи- расходи во годината. При тоа, одредени расходи ви се фиксни, да не речам бетонирани со години наназад. И само растат, никако не паѓаат. Освен во случај на мали филмско-козметички намалувања на расходите пред главни настани, мислам пред избори.

Ниту една влада од осамостојувањето не сака(ше) да се зафати со фундаментот на проблемот. Погледнете ги  фиксните( бетонирани) годишни расходи на буџетот.Пола милијарда евра за плати на администрацијата. Лично мислам дека тој износ е двојно  поголем. Затоа што покрај платите секое работно место носи расходи по единица вработен, струја, греење, биро, интернет…..но тие расходи се вешто скриени во некоја друга ставка,како што е ставката стоки и услуги. Верувам дека расходот за буџетските службеници годишно изнесува најмалку 1 милијарда евра. Намерно го користам терминот буџетски службеници, а не администрација. Тоа е прашање на начин на перцепција.  Основното правило е ако добивате и еден денар плата од буџетот, како што е локалната самоуправа или покривате некоја загуба( од превработеност) на јавно претпријатие, тоа е расход за буџетот. Како сакате наречете го тој расход. Тој е расход за буџетските службеници. Тоа ви е една милијарда од вкупно четири милијарди евра расходи. Повеќе од пола милијарда евра фиксен расход за дупката во пензискиот фонд. Фонд кој е краден уште од времето на последните години на минатиот систем. А морате да го правите тој расход. Затоа што уплатите за пензиското осигурување се најчистите пари кои секој осигуреник ги плаќал од сметка на сметка. Нема почисти од нив во оваа мала балканска држава. Заедно со разни социјални субвенции, трансфери и слични такви расходи, ќе дојдете пак до една милијарда евра расход. Додадете ја мистичната ставка стоки и услуги и блок дотации практично за плати на локалната самоуправа, ќе дојдете до бетонирани расходи од три плус милијарди евра расходи на буџетот. Децималите на расходите воопшто не се релевантни, ако сакате да ја погледнете големата слика. Државна стратегија се прави на основа на големата слика, а не на децималите. Една народна изрека вели, пред да цепеш дрва, погледни ја одозгора шумата. Инаку ќе направиш дупки, дупки….и така триесет години.

Приходите на буџетот зависат од три работи. Наплатата на проицираните приходи, успешноста на  диверзификацијата на приходите согласно даночната политика и реално правичен даночен систем. Денес во светот веќе се зборува за минимална глобална даночна стапка. Но, за првпат се зборува и за еден нов вид данок, така наречен данок на непристојност. Ако сопственикот на Амазон гради јахта од пола милијарда долари, тогаш велат, има услови и за таков вид данок на непристојност.

Сето ова погоре набргу ќе дојде и кај нас, под притисок на промените во светот.

Што се однесува за процентот на дефицитот, задолжувањето и процентот на задолженоста, сето тоа е очекувано. Со оглед на погорната структура на буџетот не може друго и да се очекува. Мој личен поглед е дека сериозните проблеми ќе започнат кога процентот на задолженоста ќе надмине 70 проценти во догледна иднина.

Потегот за К-15 на службеничкиот сектор најблаго речено и пред се, е не етички. Нема што да се додаде.

За разлика од досегашната политика, со секој ребаланс на буџетот да се крати од капиталните инвестиции, со најновото прекројување на државната каса се предвидени 120 мил.евра повеќе.Гаите ли и вие оптимизам дека парите ќе бидат наменски потрошени во планираниот рок?

-Теоретски, што повеќе пари за  капитални инвестиции поголемо е доброто за државата. Но во реалноста кај нас, никогаш до крај не се искористени проицираните капитални расходи. Затоа што однапред се знаело дека ќе нема пари за таа проекција и/или таа ставка се користела како cookies за балансирање на буџетот. Замислете реформа на расходите на буџетот во службеничкиот сектор и притоа ви останат пола милијарда евра за капитални инвестиции во еколошки проекти. И еколошките проекти се капитални инвестиции. Тоа во оваа констелација и триесетгодишното искуство, нема да се случи. Такви реформи во службеничкиот( не само администрацијата) ниту една политичка влада не може да спроведе. Затоа што се болни и плачливи, во судир со политичките лични интереси и во судир со длабокиот извор на коруптивните интереси. На пример, зошто ви е потребен енергетски систем со 5.500 вработени за производство на една термоелектрана и една ипол хидроцентрала? И произведува загуба која морате да ја покриете од буџетот.

Се нижат забелешки и во однос на владиниот Интервентен план за инвестициите во периодот 2021-2027 год. Дали со овој план земјава ќе излезе од должничкиот вител а економијата ќе застане на стабилни нозе?

-Ќе ви одговорам кратко. И ќе бидам искрен. Не сум го прочитал документот. Знаете, кога ќе видам зборови од типот интервентен план, акциски план, работни акции…ми делуваат како алергени и не ги читам. Верувам дека таму има и добри делови. Но, добро е да ги прочитаат големиот број платени советници и професионалните исти дворјани околу секоја влада.

Какви се вашите очекувања во однос на странските инвестиции? Ќе се охрабрат ли инвеститорите да вложуваат во сеуште пандемска година или розевата перспектива не очекува во годините пред нас?

Невозможно е да се даде краток одговор на така опсежна тема која навлегува во сите пори на општествено економската состојба на една држава заедно со нејзиното опкружување. Но накратко. Државата нема што да продаде на странски инвеститор. Директни странски инвестиции се кога ќе продадете и парите ќе завршат на сметка на државата. Продажбата на успешна приватна компанија е само промена на сопственоста. Од еден во друг приватен џеб и од тоа државата нема голема корист. Државата нема пазар/територија. Инвеститорот купува пазар за да направи профит.Државата( како и секоја држава) води и погрешни политики. Зошто на пример би инвестирал некој земјоделски гигант во земјоделието кога политиката е продавање по хектар-два земјоделски парцели на домашни купувачи на и онака малиот процент на обработливо земјиште? Во старт го лимитирате производството и извозот.   Во услови на постоењето на Зоните, зошто некој би инвестирал во државата? Со сите постоечки легални и нелегални давачки, ниво на корупција и се останато? Тоа има реперкусии во сите сфери на животот. Мала држава е должна да произведува и извезува, ако сака да се прехрани.Погледнете го последниот податок за трговскиот дефицит за последните четири месеци(извор Извоз.Мк). Пораст од близу 20 проценти трговски дефицит. И тој е веројатно многу поголем затоа што извозот од Зоните се третира како извоз на домашен производ. Исклучете го тој извоз за да ја добиете реалната слика.

К.В.С.

 

Поврзани вести

На земјите во развој ако продолжи кризата со пандемијата ќе им бидат потребни над 2,5 трилиони долари помош

Градежна комора: Цените на становите во Скопје ќе надминат 2.000 евра по квадрат

Влатко Зорба

Лукаревска: Поднесени 23.861 барање за финансиска помош за исплата на плати