Војводата и војвотката од Сасекс не ја кријат својата фрустрација откако детали од нивната тајна средба со кралскиот помошник протекоа во јавноста, а фотографии од средбата се појавија во британските медиуми
На средбата, одржана минатата среда во приватниот клуб на Кралската прекуморска лига во близина на Кларенс Хаус, присуствуваа Мередит Мејнс, раководителка за комуникации на „Сасексите“, и Тобин Андреа, секретарка за комуникации на кралот Чарлс III. Ним им се придружи и Лиам Магваер, раководител на британскиот ПР тим на Хари и Меган.
Средбата, според извори блиски до кралското семејство, беше првиот чекор кон можно помирување меѓу принцот Хари и неговиот татко, кралот Чарлс, особено откако на кралот му беше дијагностициран рак минатата година.
Не е познато кој ја иницирал средбата, но фотографиите од учесниците како лежерно разговараат со пијалоци на тераса со поглед на Грин Парк ги поттикнаа шпекулациите за враќање на затегнатите односи во кралското семејство. Иако средбата беше неформална, изворите велат дека отворила канал за комуникација што не постоел со години.
И покрај позитивните сигнали, се вели дека Хари и Меган се незадоволни што деталите и фотографиите од состанокот протекоа во јавноста, а нивните претставници силно негираа каква било вмешаност во протекувањето.
Кралски извори истакнуваат дека кралот Чарлс го поддржал состанокот, сметајќи го за „значаен момент“ за потенцијално подобрување на односите со својот син.
„Кралот отсекогаш ја покажувал својата љубов кон двата сина и е спремен да се сретне со Хари секогаш кога нивните распореди ќе се совпаднат“, изјави извор за „Мирор“. Сепак, средувањето на односот меѓу Хари и неговиот брат, принцот Вилијам, се смета за „многу потешка задача“.
Кралските коментатори го опишаа состанокот повеќе како учтивост отколку како вистински мировни разговори, и не е познато дали принцот Вилијам бил информиран за состанокот, иако многумина веруваат дека тешко би поминал без негово знаење.
Една можност за јавно помирување би можела да биде Игрите „Инвиктус“ во Бирмингем во 2027 година, за кои наводно веќе се дискутира. Принцот Хари, кој живее во Калифорнија, следната година треба да ја посети Велика Британија во септември за годишните настани на WellChild..