Неодамнешна студија се обиде да утврди кој е најголемиот актер на сите времиња преку анализа на заработката од киноблагајните, наградите Оскар и онлајн рејтинзите. Иако филмот се базира на емоции и импресии, а не на броеви, истражувачите се обидоа да го квантифицираат она што инаку се смета за немерливо.
Списанието „Фар аут“, повикувајќи се на истражување што се обидува да ја измери актерската величина преку податоци, рангирања и награди, ги објави најдобрите актери на сите времиња.
Авторот на анализата, Даниел Парис, креирал методологија што комбинира три клучни параметри: онлајн рејтинзи од платфомите ИМДб, Ротен томејтос и Летербоксд, комерцијалниот успех на филмовите на бокс-офисот и резултатите од доделувањата на Оскарите. Иако уметничкиот впечаток не може целосно да се сведе на бројки, студијата сепак понудила конкретен исход – тројца актери ја делат титулата „најдобар на сите времиња“.
Првиот е Леонардо Дикаприо. Неговата филмографија вклучува некои од најгледаните и највисоко оценетите филмови во последните три децении, меѓу кои „Титаник“ (Titanic), „Почеток“ (Inception) и „Волкот од Волстрит“ (The Wolf of Wall Street). Иако со години беше перцепиран како актер што често е номиниран, а ретко наградуван, Дикаприо досега има освоено еден Оскар за најдобар актер, додека проектите во кои учествувал бележат десетици номинации и награди.
Вториот на листата е Пол Њуман. Тој остави силен печат со улогите во „Буч Кесиди и Санденс Кид“ (Butch Cassidy and the Sundance Kid), „Измамата“ (The Sting) и „Пресудата“ (The Verdict). Покрај критичкото признание, неговите филмови постигнаа и значаен комерцијален успех, што според методологијата на студијата го позиционира во самиот врв.
Третиот актер што ја дели титулата е Ал Пачино. Оваа филмска ѕвезда е еден од највлијателните актери во модерната кинематографија, со незаборавни улоги во „Кумот“ (The Godfather), „Лице со лузна“ (Scarface) и „Жештина“ (Heat). Како и Дикаприо, и тој има освоено еден Оскар за најдобар актер – за „Мирис на жена“ (Scent of a Woman) во 1993 година.
Интересно е што, иако листата доминираат машки актери, блиску до финалниот избор биле и Мерил Стрип, Ема Томпсон, Роберт Дауни Џуниор и Марлон Брандо.
