Инвеститорите го свртуваат вниманието кон најголемата бомба во Европа: уништениот финансиски систем на Италија.
Пандемијата на коронавирус и последователниот целосен карантин на земјата ќе има значителни ефекти врз бруто домашниот производ, при што Италија планира да потроши до 25 милијарди евра за да ги неутрализира ефектите врз деловните субјекти и поединците.
Ова значи дека најопасниот државен долг на Европа – кој изнесува скоро 2,4 трилиони еврa, главно дистрибуиран во билансите на банките во Европската унија, ќе стане уште поголем.
Европските банки имаат повеќе од 446 милијарди евра во јавен и приватен италијански долг, покажуваат податоците на Европскиот банкарски орган, анализирани од „Блумберг“. Со ширењето на коронавирусот на континентот, италијанскиот долг ќе го удвои товарот врз финансиските системи во услови на економски притисок на домашен терен.
Најизложени на ризик, по италијанските, се француските доверители доколку распродажбите во Италија почнат да се шири во европскиот финансиски систем. Двете најголеми банки во земјата – БНП Парибас СА и Кредит Агрикол СА, имаат свои малопродажни единици во Италија. Гувернерот на француската Централна банка, Франсоа Вилерој де Гало ќе предложи измени во капиталните правила за банките на состанокот на Францускиот одбор за стабилност следната недела.
Италијанската влада мора да продава повеќе од 400 милијарди евра годишно, за да го задржи својот долг во ред, принудувајќи ги локалните банки да купат уште поголем долг – ситуација во која слабата економија и слабите банки се хранат едни од други.
Последиците од епидемијата на коронавирус можат да избришат години на болно реструктуирање на италијанскиот банкарски систем. Подолг период на карантин во земјата може да го зголеми и размерот на лоши кредити, за кои банките работеа со години, за да се намалат, создавајќи криза во целиот сектор.