Жарко Лаушевиќ, еден од најпознатите актери во поранешна Југославија, почина во Белград на 63-годишна возраст по кратко и тешко боледување, соопшти неговото семејство.
Датумот и местото на погребот ќе бидат објавени подоцна.
Лаушевиќ е роден на 19 јануари 1960 година во Цетиње, Црна Гора, а славата ја стекна со серија улоги од 1980-тите.
Меѓу нив се Миљан во „Igmanski marš“, Павле Ивковиќ во филмот „Šmeker“, Шиљо во „Sivi dom,“ Петар Хрват во „Oficir s ružom“, Брацо Гавран од „Braća po materi“ и Милош Обилиќ во „Boju na Kosovu“.
Дипломирал глума на Факултетот за драмски уметности во Белград, бил член на Југословенскиот драмски театар и освоил бројни награди, меѓу кои „Златната арена“ во Пула, „Цар Константин“ во Ниш, наградата „Стериа“ и наградата „Зоран Радмиловиќ“.
Во екот на славата животот му го одбележа случајот од 1993 година во Подгорица, кога тој и неговиот брат Бранимир биле нападнати, при што настанала физичка пресметка.
Потоа Лаушевиќ со пиштол уби двајца, а третиот го рани, за што првично беше осуден на 13 години затвор, но таа казна тогашниот Сојузен суд ја укина.
Во новата постапка тој е осуден на четири години затвор, која во тој момент веќе ја одлежал, па бил ослободен.
Набргу потоа замина за САД.
Во 2001 година, Врховниот суд на Црна Гора ја поништи таа одлука и го осуди на 13 години затвор.
Во декември 2011 година тој беше помилуван од тогашниот претседател на Србија, Борис Тадиќ, кога му беше врачен и српски пасош.
Истата година ја објавил и книгата „Godina prodje, dan nikkad“, прва во серијалот „Dnevnik jedne robije“, за годините поминати во затвор.
Следеа Druga knjiga (2013), Sve prođe, pa i doživotna (2018) и Padre, idiote (2022).
Неодамна беше емитувана серија базирана на неговите книги и неговиот живот со наслов Pad, а во 2014 година беше снимен и филм Laušiz за неговиот живот.
По враќањето од Америка, Лаушевиќ се врати на актерството.
Во последните неколку години играше неколку значајни улоги, меѓу кои и принцот Ѓорѓе Караѓорѓевиќ во Senke nad Balkanom, Аќим Катиќ во Korenima, кралот Никола Петровиќ во Aleksandar od Jugoslavije и Вукашин Катиќ во Vreme zla.
Играше во филмот Leto kad sam naučila da letim, серијата Kalkanski krugovi, Državni službenik, како и филмот Heroji Halijarda.
Неговото последно појавување во јавноста беше на неодамнешната премиера на филмот Heroji Halijarda.