Нова студија на истражувачи од Универзитетот Карнеги Мелон ја оспорува вообичаената претпоставка дека видео конференцијата е подобра од чистата аудио комуникација за работа во групи. Наодите покажуваат дека видео конференцијата всушност може да ја намали колективната интелигенција на групата.
На почетокот на 2020 година, кога нè погоди пандемијата и одеднаш се префрливме на работа од далечина, на многумина им се чинеше можноста за лесно комуницирање со колегите преку видео врска, како дар од Бога. Никој навистина не се сомневаше колку е ефективна видео комуникацијата. Со години се сугерираат видео разговори за да се зголеми ефикасноста на групната работа.
Оваа идеја се потпира на разбирањето дека кога луѓето зборуваат во група, тие генерираат подобри решенија за проблемите отколку што секој може да генерира поединечно. Но, во видео комуникацијата обично недостасува невербална комуникација што групата ја има во интеракција во живо.
За да се истражи овој проблем, новата студија, објавена од NewAtlas, специфично разгледува два вида невербални сигнали на кои луѓето се потпираат за да постигнат синхронизација во групните активности – во изразите на лицето и т.н. прозодиска синхронизација.
Се верува дека синхронизацијата на изрази на лицето – како насмевка како одговор на насмевката на друго лице – е клучна за ефективна и интелигентна комуникација во групата. Прозодиската синхронизација, од друга страна, е поврзана со тонот и ритамот на говорот. Тој ги надополнува сигналите на лицето во групните интеракции.
Студијата, детално презентирана во научното списание Plos One, изненадувачки откри дека при видео конференцијата, всушност, има намалување на прозодиската синхронизација, што сугерира дека видео конференцијата може да го отежне синхронизирањето на разговорната комуникација.
Напротив, во чистата аудио комуникација е подобра прозодиската синхронизација на групата, што последователно води кон подобри резултати во решавањето на специфични задачи и проблеми. Ова сугерира дека чисто вокалните интеракции можат да доведат до поголема групна колективна интелигенција, велат научниците.
„Откривме дека видео конференцијата всушност може да ја намали колективната интелигенција“, рече коавторот на студијата Анита Вилијамс Воли. „Ова е затоа што видеото доведува до порамномерно учество во разговорот и ја нарушува гласовната синхронизација. Нашата студија ја нагласува важноста на аудио сигналите што се чини дека се компромитирани со видео пристапот“.