СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Ангеловска Даноци се воведуваат за да се има добар план за ефикасна наплата

Последниот збор за можноста за одложување на оданочувањето на капиталните добивки што треба да стартува следната година ќе го имаат податоците и врз основа на нивна анализа наскоро ќе се донесе конкретна одлука,  најави денеска министерката за финансии Нина Ангеловска.

Најавената можност за разгледување на иницијативата за одложување, подвлекува, не значи дека тоа автоматски ќе се случи, туку со тоа се покажува волја да се разгледа издржаноста на барањето.

Ангеловска најави дека неделава на средба со претставници на Македонска берза и Комисијата за хартии од вредност со сеопфатна анализа  ќе да се разгледа барањето за одложување на оданочувањето на остварен приход од продажба на хартии од вредност (КХВ).

–  Даноци не се воведуваат за да се воведат, туку за да се операционализираат и да се има добар план за ефикасна наплата. Ако е мерка за да се намали јазот сметам дека треба да се даночат, зборуваме само за капиталните добивки од остварен приход од продажба на хартии од вредност. Треба да земеме во предвид и како тоа решение ќе се имплементира во пракса, која цена ќе се земе за продажна и стекната.  Гледаме компаративна анализа и примери како тоа го вовеле другите земји, рече Ангеловска, одговарајќи на новинарски прашања пред средбата со бизнисмени од Стопанската комора на Македонија.

Зборуваме, потенцираме, за ефикасно воведување нов данок, за разгледување на иницијативата не само од аспект на тоа само дали треба да се воведе данокот, туку од аспект на тајмингот и начинот.

– Тоа според мене е добра волја да се разгледа дали иницијативата е издражана. Со конкретна одлука ќе излеземе наскоро, а секоја одлука ќе биде базирана на анализа на податоци и секако ќе биде во насока на најдоброто во интерес и на граѓаните и на реалниот сектор. Последниот збор ќе го дадат податоците, а пред фактите и боговите молчат, изјави Ангеловска.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, пак, во коментар на влијанието на оданочувањето на депозитите оцени дека е добро тоа да се пролонгира за да се искористат сите механизми за стимулирање на економската активност.

– Тоа е прашање пред се за граѓаните, има допирни  точки и за нас, но мислам дека треба да дојде до пролонгирање во ваква ситуација во којашто се наоѓаме и да се искористат сите механизми  за стимулирање на економската активност. Затоа мислам дека е добро да се пролонгира, изјави Азески.

Тој најави дека откако ќе биде дефиниран точно предлогот за трансфер на вработени од државна администрација во приватен сектор комората ќе го каже својот став. – Имаме потреба од секаков кадар.Наеднаш од земја која што имаше голем број невработени сега немаме кого да вработиме. Секој  кој има волја да се преквалификува ќе биде прифатен, изјави Азески

Поврзани вести

Ќе се одземаат лиценци на бензиски ако точат неквалитетни горива

Влатко Зорба

Милионери бараат зголемување на даноците за најбогатите поради короната

Stefanija Kuzmanovska

НУК и Битиќи во петок на средба, очекуваат поддршка за бруто плати за угостителските работници

Stefanija Kuzmanovska