СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Арсовска: Приватниот сектор очекува тешка 2020 година

Политика во фокус, членството во НАТО, неизвесност од добивање датум за отпочнување преговори со ЕУ,  избори секоја година, редовни, предвремени, партиски препукувања, корупција, длабока поларизација во општеството е она што го оставаме зад нас. Генералната слика е дека политиката е секогаш пред економијата, што во голема мера ја комплицира и онака сложената состојба во земјава, каде во институциите се чини се занемарува принципот на професионалност и меритократија. Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Даниела Арсовска, истакнува дека доколку се продолжи со тоа, дневно политичките несогласувања на чинителите да ни го креираат начинот на живот и да влијаат негативно на секојдневието наместо да се посветат на позитивни мерки за раст, за очекување е приватниот сектор да се соочи со тешка 2020.

Без основни постулати за подобрување на деловното опкружување ќе нема ниту подобри услови  за работа, ни за живот во Македонија. Прво, а кое е поврзано и со претстојните избори и она што не очекува во 2020, е сите чинители да се посветат на минимизирање од поларизацијата во општеството.  На стопанството и на граѓаните им е потребно политичките чинители да водат позитивни кампањи, да ги минимизираат дневно политичките несогласувања, да изнајдат компромис за клучните прашања за националниот просперитет и да се посветат кон забрзан економски развој.

Второ е реализација од страна на политичките чинителите на тоа што е ветено.  Предизборно  сите ветуваат мерки и подобри услови,  но малку од тоа се реализира со внесување на конкретни чекори во програмите. што значи и работа базирана на флоскули наместо на конкретни чекори со конкретни резултати. Да се обезбедат видливи резултати базирани на конкретни економски мерки кои ги предлагаме, ќе даде сигнал дека ќе се остават на минатото живот и работа од криза до криза и трошењето наместо креирање долгорочна стратегија за раст.

Третото се однесува на  честото менување на Законите, каде без консултација со засегнатите страни се донесува неприменлива легислативаНема оправданост во донесување на законите без консултација со стопанството, поточно без оние кои треба да ги применуваат конкретните закони. Тоа води кон импровизирање и законски решенија кои се неприменливи во пракса, кои резултираат со потреби од нови измени. Ни компаниите, ни институциите немаат доволно капацитет да ги следат и применат доследно големиот број закони кои се менуваат. Дополнително постојат непрецизирани Закони, кои отвораат можност за различно толкување и префрлање на надлежности меѓу институциите. Според препораките на Советот на Европа, со наше учество како засегнати страни во самото драфтирање на законите може да се изготви квалитетна, применлива и функционална регулатива.  

Четврто за кое Сојузот на стопански комори на Македонија, гласно говореше и делуваше минатата година, е справување со конкуренцијата од сивата економија.  Приоритет и во 2020 треба да биде интензивирање на борбата со нерегистрираните бизниси од сивата економија, која во моментов е над 37% од вкупната економија. Препораките се институциите да пристапат кон доследна имплементација во пракса на Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност. Сојузот активно се вклучува со бројни механизми во заедничка акција за детектирање и санкционирање на нелојалната конкуренција од нерегистрираните субјекти од сивата економија кои затајуваат данок. Во исто време во соработка институциите континуирано се залагаме за едукативна наместо репресивна функција на инспекциските служби кон регистрираните компании, за достоинствен третман на даночните обврзници од приватниот сектор кои редовно и совесно ги плаќаат даноците.

Петтиот услов, е да се овозможи гаранција за рамноправност на пазарот во услови на слободна и фер конкуренција, со воспоставување на јасна волја за обезбедување владеење на правото, што ќе ги охрабри компаниите за превземање нови чекори за инвестирање. Инвестирање во време на несигурност и непредвидливост, е ризик кaј оние што чесно, посветено и планирано работат, не можат да си го дозволат, изјави Арсовска.

Таа додаде дека одложувањето на преговорите со ЕУ, не треба да е причина за скршнување од патот кон спроведување на неопходните структурни реформи кои треба да бидат национален приоритет за секоја Влада и да се утврдени како наша долгорочна стратегија, како би се демонстирало движење во насока на зголемен раст и развој на македонската економија сега и веднаш без одложување.

Поврзани вести

„Златната виза“ стана тренд кај милионерите: Црна Гора им нуди посебни услови

Берта Китинска

Бајчевски, СУТКОЗ: Работодавачите да почнат да го ценат фактот дека Владата речиси цела година ја покри со пакети мерки

Влатко Зорба

Владата ја објави листата на граѓани кои ќе добијат помош со четвриот сет мерки

Берта Китинска