Првиот човек на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски во интервју за Агротим говори за реализација на 99 % од планираниот буџет, што ја прави институцијата една од најуспешните во реализацијата на буџетот, а од почеток на мандатот до денеска по сите програми се исплатени над 334,5 милиони евра во агро – секторот.
Г- дине Бабовски, годината изминува, а Платежната агенција се повеќе е актуелна кај земјоделците. До 25.12 траеше пријавувања за неколку редовни субвенции но и за мерката „Рурална жена“. Дали пристигнаа голем број апликации, бидејќи имаше интерес кај земјоделците?
Повикот веќе заврши, и мора да признаеме дека интересот е огромен. До АФПЗРР, има пристигнато над 400 апликации за Рурална жена. Жените домаќински, но сигурно ќе го потрошат расположливиот буџет за оваа Мерка. Има различни предлог инвестиции и од сите делови на државава што значи дека жените преку средствата од оваа мерка ќе ги развиваат сите делови од Република Северна Македонија.
До каде е постапката за мерката „Млад земјоделец“ од последниот повик?
Веќе ги склучивме првите 9 договори за Млад земјоделец во тек на наредните денови ќе се потпишуваат останатите. Вкупно на овој повик одобрени се 102 барања. Со само два повика склучивме 526 договори за инвестиции и отворање на нови работни места за младите кои се нашата иднина. Средствата до 10 илјади евра се неповратен грант, а со овие пари апликантите ќе набават: сенопревртувачи, машина за нижење на тутун, млин за сточна храна, машина за извлекување на коски од сува цреша, комплетна опрема за пчеларство, собирач за лешници, апарат за тресење на сливи.
Радува и податокот што со средства од мерката Млад Земјоделец, ќе се набавуваат пчелни роеви, назимки и високо стелни јуници, односно ќе реализираат инвестиции во сточарството, што е дополнителна додадена вредност затоа што на овој начин се зголемува и сточниот фонд. Инвестициите ќе се реализираат во сите региони на Република Северна Македонија што значи дека во повеќе делови од државава ќе се отворат нови бизниси и нови работни места. Владата, Министерството и Агенцијата во изминатиот период направија низа измени на програмата се со цел олеснување на условите за добивање на оваа финансиска поддршка. Во текот на наредниот период ќе објавиме нов повик за кои апликантите ќе имаат можност да добијат двојно поголема подршка 20 илјади евра по корисник за реализирање на инвестиции во агро секторот. Само со вложување во младите може да влијаеме на одливот на млад кадар во странство. Агенцијата и во наредниот период ќе продолжи да спроведува мерки и програми кои нудат поволни услови за развој на домашниот агро сектор и отворање на нови работни места.