Минатата недела Министерството за финансии ја информираше Владата дека започнува со реформа која ќе ја унапреди фискалната децентрализација во земјава. Предвидено е спроведување на повеќе мерки и активности, кои треба истовремено да го зајакнат фискалниот капацитет на општините и контролата за домаќинско, транспарентно и отчетно работење. Планирано е да започне сеопфатен процес на јавни консултации со Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), меѓународните развојни партнери, академската заедница, деловната заедница и останатите засегнати општествени чинители и низ еден инклузивен и транспарентен процес да се дојде до оптимални решенија, пишува министерот за финансии Фатмир Бесими во неговата колумна.
„Годинава имаме локални избори, а истовремено работиме и на надминување на последиците од ковид-кризата врз економијата и нејзино враќање на патеката од преткризниот период. Оваа колумна ќе даде одговор на оние кои ќе се запрашаат зошто се дава приоритет на оваа реформа токму сега и верувам ќе биде интересно четиво за значењето на градењето на еден успешен функционален децентрализиран систем со цел подобрување на квалитетот на јавните услуги и забрзување на економскиот раст и развој на една земја.
Градењето на добропоставен систем на јавни финансии е обемен процес, кој се состои од повеќе сегменти. Меѓу нив е и фискалната децентрализација, еден од приоритетите кои произлегуваат од Пристапното партнерство на Република Северна Македонија со Европската Унија. Понатамошна децентрализација е и еден од приоритетите поставени со Програмата на Владата 2021-2024 година. Придобивките од децентрализацијата, како процес воопшто, се дополнителна демократизација, пренесување на надлежностите на властите поблиску до граѓаните и нивните потреби и со тоа пружање на поефикасни и поекономични услуги за граѓаните. Повеќе академски истражувања покажуваат дека постои корелација помеѓу повисокиот степен на децетрализација со повисок степен на економски развој, што ќе се елаборира понатаму во овој текст“.
Целата колумна на следниот линк!