„Пандемијата што ја зафати нашата земјата и светот повикува на ревидирање на предизборната програмата и ние тоа го правиме. Планираме да ја објавиме ревидираната програма на почетокот на кампањата. Ја следиме структурата на нашата економија и начините на кои таа е поврзана со другите економии преку извозот, преработувачката индустрија, производството и другите сектори. Кризата ја гледаме и како можност којашто треба да ја искористиме за да изградиме нова развојна македонска економија базирана на технолошки развој и поддржана од човечкиот фактор како најважен ресурс којшто го поседува нашата земја“ истакна претседателот на Комисијата за финансии на СДСМ, Фатмир Битиќи во своето вечерашно гостување во Топ Тема на телевизија Телма.
Во своето излагање Битиќи потенцираше дека СДСМ како одговорна партија со својот сериозен пристап им нуди на граѓаните издржана програма и мерки со чија реализација до крајот на годината ќе започне процесот на целосно заздравување на економијата, а потоа и реализација на предизборните ветувања кои ќе влијаат на значително забрзување на економскиот раст.
„Клучниот момент во нашата програма ќе биде поддршката на граѓаните. Креираме нови работни места кои ќе бидат добро платени бидејќи секој граѓанин заслужува подобри примања и подобар животен стандард исто така овозможуваме сериозна поддршка за младите и отворање на нови можности за нивен личен развој и напредок. За пензионерите планираме да го реализираме тоа што сме го ветиле, дефинирање на минимална пензија.“ посочи Битиќи.
Битиќи рече дека ВМРО ДПМНЕ е партијата којашто граба од граѓаните и постојано врши поделби во државата, ги дели граѓаните и компаниите на ваши и наши и на тој начин работи спротивни на интересот на граѓаните, од друга страна СДСМ е партијата којашто ги обединува граѓаните и работи за овозможување на еднакви можности за развој на сите граѓани и компании во нашата земја.