Државниот долг во 2019 година е намален за 0,4 процентни поени во однос на 2018 година и изнесува 40,2 отсто од БДП, покажуваат последните, денеска објавени податоци на Министерството за финансии.
Според Министерството, јавниот долг е стабилизиран, умерен и изнесува 48,9 отсто од БДП. Во 2016 година јавниот долг изнесувал 48,8 проценти од БДП.
-Ако се земе предвид дека во јавниот долг во 2019 е вкалкулиран и негарантираниот долг (од 0,3 процентни поени) кој претходно не бил сметан, во 2019 долгот е на пониско ниво во однос на 2016 година за 0,2 процентни поени. Инаку јавниот долг во 2019 година заврши под проекцијата на ревидираната Фискална стратегија 2020 од 49,3 проценти. Проекцијата во Фискалната стратегија 2017-2019, подготвена во 2016, за 2019 изнесувала 56 отсто, односно за седум процентни поени повеќе, наведува Министерството.
За разлика од брзорастечкиот јавен долг од 2008 до 2016 година, кога се удвоил од 23 на 48,8 отсто од БДП, сега е стабилизиран.
-Стабилизацијата се должи на водењето прудентна политика за јавен долг која ги таргетира компонентите кои го креираат долгот: буџетскиот дефицит, преку негова консолидација и сервисирањето на старите долгови. Ако порано буџетскиот дефицит достигнувал до четири отсто од БДП, годинава е проектиран на 2,3 проценти, а следните две години ќе се намали на два отсто од БДП. Со тоа ќе се стесни просторот за финансирање, стои во соопштението.
Министерството за финансии информира и дека бројот на аукции на државните хартии од вредност е исто така преполовен. Каматните стапки се неколкукратно намалени и со пониска камата се рефинансираат старите издадени државни хартии од вредност кои доспеваат.