По многубројните изнесени невистини и шпекулации од страна на невладините организации ChangeMakers4all и Спас за Нас (Спас за Гевгелија) од Гевгелија и компании од Гевгелија кои поднесоа петиција против нашата компанија, G&O Waste Solution ја информира јавноста дека отворањето на нашиот центар за селекција и балирање на пластика е направен откако претходно е издадено позитивно мислење и лиценца од Министерството за животна средина и направени се сите можни инспекциски надзори според кои нема создавање непотребен отпад, прашина и миризба, а погонот е беспрекорно чист. Нашиот погон се наоѓа во индустриската зона во Гевгелија, која е наменета за компании кои имаат лесна и незагадувачка дејност, како што е и G&O Waste Solution, соопштуваат од компанијата.
„Сметаме дека е крајно неодговорно и непрофесионално да се изнесуваат лажни информации и клевети и со тоа да се манипулира со јавното мислење, а меѓу другото да се игра и со егзистенцијата на вработените.
Дополнително, сакаме да информираме дека наши вработени во компанијата G&O Waste Solution и нивните најблиски членови од семејството, кои се вработени во компаниите потписнички на петицијата почнаа да добиваат закани по нивната безбедност. Ние како компанија ќе ги преземеме сите потребни мерки за заштита на нашите вработени, а секоја закана или напад врз наш вработен ќе бидат пријавени и за нив ќе постапуваат органите на Министерството за внатрешни работи.
Невладините организации ChangeMakers4all и Спас за Нас кои делуваат во доменот на екологијата и заштита на животната средина и треба да бидат нашиот коректор, во случајов се во партнерство со приватните компании, па во таа насока заеднички подготвуваат петиции. Дали, зошто и по која цена невладините организации застапуваат интереси на одредени приватни компании кои се со седиште во истата индустриска зона, па така нападите се насочени единствено кон нашата компанија?
На претставниците од ChangeMakers4all кои присуствуваа информативниот состанок во Домот на култура во Гевгелија кој се одржа на 23.02.2021 година (вторник) им беа приложени сите документи за нашата компанија, за што по завршувањето за состанокот самите се произнесоа со став дека станува збор за недоразбирање и претходни сомнежи кои произлегле од неинформираност, а заклучокот беше дека нашата компанија работи исклучиво со незагадувачки отпад (пластика) и се отворени за понатамошни разговори како би можеле да воспоставиме нормална комуникација. Што влијаеше на промена на мислењето и кој навистина стои позади овие организирани напади? Жителите на општина Гевгелија заслужуваат да ја знаат вистината.
Да напоменеме дека претставниците на ChangeMakers4all и Спас за Нас ниту еднаш не го посетија нашиот центар за селекција и балирање на пластика во Гевгелија, иако беа повеќепати јавно поканети во текот на изминатите неколку недели. Ние немаме што да криеме, напротив, не само невладините организации, туку и секој заинтересиран граѓанин кој сака да се запознае со работата на компанијата е добредојден да нè посети во секое време.
Во петицијата поднесена од невладините организации и компании се нагласува “Овие гевгелиски компании вработуваат над 1200 вработени и учествуваат со 33% во БДП на Гевгелија. Фабриката за третман ќе вработува 30 работника и ќе учествува со 0.006% во БДП на Гевгелија.” Овде воопшто не треба да станува збор за дали се 30, 300 или 1300 вработени и дали тие 30 ќе останат без работа. Туку ајде да зборуваме за вистински принципи.
Процесот на работа на G&O Waste Solution е целосно еколошки и чист, ние не ја гориме пластиката и не користиме вода во нашиот процес. Исто така, нема никакви емисии во воздухот, не ја загадува животната средина, ниту има негативно влијание врз здравјето на луѓето. G&O Waste Solution не е единствена компанија во Гевгелија која работи со откуп и селекција/рециклирање на пластика, а тоа може да се види од дејноста на дел од компаниите потписнички на петицијата против нас. Токму затоа е неумесно да се шират невистини на штета на нашата компанија“, се додава во соопштението.