СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Групација за обновливи извори на енергија: Малите хидроелектрани се иднината, како најефикасен и најзначаен обновлив извор на енергија

Групацијата на обновливи извори на енергија (ГОИЕ) при Стопанската комора на Северна Македонија денеска одржа онлајн прес-конференција претставувајќи ги своите заложби за одржливо искористување на ресурсите и презентирајќи ги придобивките од работата на малите хидроелектрани како еден од најефикасните и најзначајни обновливи извори на енергија.

Според д-р Александар Дединец, од истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој на МАНУ, во стратегијата за енергетска транзиција во Македонија до 2040, наместо сегашните 17%, обновливите извори треба да учествуваат со 43 проценти од вкупното производство, што ќе значи 55% намалување на емисијата на стакленички гасови споредено со состојбата од 1990 година.

„Македонија не е многу богата со ресурси, затоа секој обновлив ресурс што ни е на располагање треба да се искористи, вклучувајќи ги водените потенцијали преку работата на малите хидроелектрани“ – смета Дединец.

Во предностите на малите хидроцентрали тој ги потенцираше производството на чиста енергија, како и дека не предизвикуваат аерозагадување, не генерираат гасови, водата ниту се троши, ниту се загадува, а емисијата на CO2 e нула.

Од Групацијата за обновливи извори објаснуваат дека малите хидроелектрани придонесуваат за децентрализација на енергетскиот систем и намалување на увозот на електрична енергија, истовремено создаваат работни места на локално ниво, но придонесуваат и за локалната економија воопшто, преку даноците и придонесите кон државата. Неспорно е и нивното индиректно економско влијание преку ангажирање на надворешни експерти и компании, меѓутоа една од главните економски придобивки е дека обезбедуваат одржлив развој на енергетскиот систем, полесни се и поевтини за проектирање и имаат исклучително долг век на траење.

Според Самоил Целески од ЕМК „Мали хидроелектрани“, свесни се за предизвиците со кои се соочува локалното население во однос на изградбата.

 „Факт е дека секоја човечка активност има влијание на природната околина. Меѓутоа, со почитување на добрите градежни практики за справување со таквите ефекти, воспоставување патеки за риби, заштитни градежни објекти, рекултивација, пошумување и секако неприкосновено почитување на регулативата, тоа влијание може да се сведе на минимум“, – рече Целески, појаснувајќи дека за 5 години природата самостојно се враќа во првобитната состојба, а пак градежниот опфат за една мала хидроелектрана не надминува 3 хектари.

Во контекст на сушењето на реките, тој посочи дека МХЕ всушност, не ја земаат водата, туку само ја користат нивната енергија.

Од Групацијата на обновливи извори на енергија потенцираа дека се залагаат за доследно почитување на законите и регулативите, како и за нивно унапредување, останувајќи партнер на државата со отвореност за дијалог со институциите и невладиниот сектор. Потенцираа и дека Групацијата и компаниите членки вложуваат и ќе вложуваат во општествено одговорни проекти и најавија понатамошни инвестиции во локални еколошки проекти, а ги претставија и новите канали за комуникација, веб-страницата www.goie.mk и Фејсбук страницата на ГОИЕ

Поврзани вести

Владата издвои 620 милиони денари за инвентер-клими во домаќинствата во Скопје, Битола, Тетово и Кичево

Царовска: Се обработуваат приговорите на граѓаните за платежните картички, средствата на нив не можат да се донираат

Битиќи: Во септември ќе биде донесен четвртиот пакет на економски мерки