Пред неколку дена на Единствениот национален електронски регистер (ЕНЕР) се најдоа дел од новите предлог измени и дополнувања на Законот за игрите среќа, меѓукои, 500 метри оддалечување на објектите во кои се приредуваат посебните игри на среќа од основни и средни училишта и високообразовни институции.
Ако се воведе предложената дистанца, на индустријата на игрите на среќа и се заканува целосно затворање. Дислокацијата на деловните објекти на бараното растојание од школите и високообразовните институции во реалностa е апсолутно неприменлива, во Скопје заради густината на населението и по неколку образовни институции во населбите, а проблемот е уште поголем во помалите градови каде буквално има само една главна улица и неколку споредни.
Образложението зад предложената дистанца е „заштита на младата популација од лоши и несоодветни навики за нивната возраст“, но треба да се земе предвид дека во сегашниот Закон за игри на среќа, во член 20, забраната за учество на малолетни лица во игрите на среќа е веќе детално утврдена, вклучувајќи ја и забраната за влез на малолетници во просториите каде што се организирани игрите на среќа. Па така, предложеното воведување растојание е непотребно преиспитување на оваа одредба.
Припредувачите на посебните игри на среќа сметаат дека доколку се усвојат овие измени, нема да се направат никакви подобрувања. Сосема спротивно, сигурно е дека ова ќе има многу негативни последици не само за приредувачите на игрите на среќа, туку и за државата и за општеството во целина. Посочуваат дека вакво законско решение значи ризик за отворање на нелегален пазар на игри на среќа. Велат, во моментов имаме регулирана индустрија, а според нив новите мерки ќе го стимулираат развојот на сивата економија.
Нејасно е, зошто Владата сака од целосно регулиран пазар да направи нерегулиран, бидејќи ефектот од вакво законско решение ќе биде токму тој. Со тоа, велат, многу повеќе се носат во ризик малолетниците и играчите воопшто, бидејќи игрите на среќа нема да запрат. Играчите ќе бараат алтернативни начини за обложување или уште поопасно ќе го прават тоа во нелегални објекти, каде државата ќе нема ниту увид, ниту контрола.
Од друга страна, истражувањата на Европската организација за игри на среќа покажуваат дека владините регулирани форми на обложување претставуваат најдобриот начин за безбедност на играчите и минимизирање на ризикот и можностите од нелегално обложување. За илустрација, во Албанија и Косово кои воведоа забрана на игрите на среќа, веднаш се создаде црн пазар, што претставува добар, негативен пример за политичарите кои размислуваат за забрани, наспроти квалитетно регулирање на игрите на среќа.