СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Координативно тело: Во тужбата против Стопанска Банка поднесена од 430 акционери се бара надомест на штета за неисплатена дивиденда

„Во Известувањето (https://www.seinet.com.mk/FileServer.aspx?file=58505) објавено од Стопанска Банка АД Скопје на страната на СЕИНЕТ на 22.01.2021, наведено е дека тужбата е поднесена од еден акционер. Тој податок согласно Правилата за котација не е обврзувачки да се објави. Но, кога е веќе објавен, потребно е јавноста да биде запознаена со вистинската бројка на акционери кои не се согласуваат со оспорените одлуки“, соопштуваат од Координативното тело за преземање активности за остварување на правата од приоритетните акции на Стопанска банка АД Скопје.

„Според официјалниот записник од одржаното Собрание на 29.05.2019 присутни беа лично или преку полномошници 581 акционер со вкупно 144.379 акции или 63,4% од вкупниот број приоритетни акции. Полномошното кое го имаа присутните акционери, т.е. полномошници на акционери со приоритетни акции содржеше две инструкции за гласање: првата беше за конверзија на приоритетни акции, а втората за измена и дополнување на Статутот со правата од приоритетни акции.

До НО на Банката беше поднесено Барање за одвоено гласање согласно член 403 и 405 од ЗТД кое содржеше четири предлог одлуки: за конверзија на приоритетните во обични акции, за правото на гарантирана фиксна дивиденда, за правото на кумулативна дивиденда и за правото на учество во распределбата на добивката. Иако сите предлог одлуки се однесуваат на промена на правата на приоритетните акции за што е потребно одвоено гласање, прифатена беше само првата предлог одлука.

Предлог одлуката за конверзија беше ставена како последна точка на дневниот ред. Барањето за Предлог одлука за измена и дополнување на Статутот со правата од приоритетни акции како точка на дневниот ред, најпрво законски неосновано го одби Надзорниот одбор, а втор пат претседавачот на Собранието кој не дозволи да биде дополнет дневниот ред што е спротивно на член 390 став 8 од ЗТД, па така Собранието го усвои дневниот ред утврден пред одржувањето на седницата на Собрание.

Незадоволни од текот на седницата на Собранието, акционерите одлучија да оспорат четири од усвоените одлуки, односно две кои се однесуваа на Статутот и две кои се однесуваа на гарантираната фиксна дивиденда и распределбата на добивката.

Причините зошто акционерите одлучија како тужител да се јави само еден акционер се:

1. Можноста што, заради заштита на интересите на малцинските акционери какви што се имателите на приоритетни акции на Стопанска банка АД Скопје, ја дал законодавецот (ЗТД член 410 (2) „Тужба против друштвото со кое се бара утврдување на ништовност на одлука на собранието може да поднесе секој акционер, …“) и

2. Судските трошоци да бидат што е можно пониски, затоа што при поголем број на тужители адвокатските трошоци можат максимално да изнесуваат пет пати повеќе споредено со само еден тужител.

Дека навистина зад тужбата стојат многу повеќе акционери, потврда е тужбата што ја имаат поднесено 430 акционери против Банката (од декември 2019) и во таа тужба се докажуваат правата кои се докажуваат и во усвоената тужба, плус се бара и надомест на штета за неисплатена дивиденда. Сметаме дека не е потребно да докажуваме дека не постои еден акционер со приоритетни акции кој би бил против оспорување на одлуките од судскиот спор, односно не постои еден акционер со приоритетни акции кој не сака да ги ужива своите права“, велат оттаму.

Поврзани вести

Депозитите на историско ниво од 7,1 милијарда евра!

Влатко Зорба

Презентирано решението за дигитална идентификација на граѓаните на С. Македонија

Влатко Зорба

Генералниот директор на Светската трговска организација поднесува оставка

Stefanija Kuzmanovska