Најмногу пари во апсолутен износ за спас на економијата издвоија САД. Но, кога пакетот помош се мери во однос на големината на националните економии, прва земја е Јапонија, а трета Словенија.
Најновиот, компаративен извештај за тоа колку државите во светот вложиле во спас на своите економии со цел да се обидат да го запрат економскиот колапс предизвикан од сегашната пандемија, го објави истражувачкиот тим на Универзитетот Колумбија во Њујорк.
Анализата за пакетот помош во 166 земји заклучно со 24 мај годинава, покажува дека САД издвоиле најмногу пари во апсолутен износ, дури 2.700 милијарди долари, што е околу 13% од нивниот бруто домашен производ (БДП).
Но, кога пакетите помош се мерат во однос на големината на националната економија, листата изгледа поинаку. Јапонија е на прво место, со издвоени 21,1% од БДП, додека САД се на 10 место. На второ место е Луксембург со издвоени 20,7% од БДП, а пред САД се Словенија (19,7%), Белгија (18,3), Австрија (15,6%), Финска (14,1%), Иран (14%), Шведска и Холандија со (13,5%) од БДП.
Катар и Сингапур се на ист ранг со САД, односно двете земји обезбедиле пакет помош којшто сочинува 13% од нивниот бруто домашен производ, пренесува Biznis & Finansije.
Од регионот, Словенија е со износот пакет помош којшто чини 19,7% од словенечкиот БДП далеку пред другите земји. На второ место е Хрватска со 9,3%, а на трето е Србија со 6,5%, БиХ (3,6%), Албанија (2,8%) и Косово (2,5%). Црна Гора има издвоено (1,7%), а нашата земја 1,2% од бруто домашниот производ.