СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Мартовските пензии денеска ќе бидат исплатени

Над 322.000 пензионери ќе ја земат мартовската пензија порано од вообичаениот термин. Банките ќе ги исплатат пензиите до 28 март како што од нив побара владата поради вонредната состојба со коронавирусот.

Дел од банките веќе ги соопштија термините и начините за исплата на пензиите, а другиот дел чека одлуки на управните одбори за да ја спроведе препораката.

Халк банка соопшти дека денеска ќе изврши предвремена исплата на мартовската пензија.

– На овој начин пензионерите кои ја примаат пензијата преку банката утре ќе ги имаат пензиите на своја сметка и истите ќе може слободно да ги користат при пазарење со платежните картички, преку електронското банкарство или за подигање преку банкоматите, без провизии, информираат од банката.

Ги повикуваат пензионерите во интерес на нивна заштита да не користат готовина и да не ги посетуваат филијалите, туку да ги користат картичките и да се насочат кон електронското банкарство.

НЛБ Банка, согласно моменталните случувања со пандемијата на коронавирусот, а во пресрет на потребите на своите клиенти – пензионери, од денеска ќе почне исплата на пензиите.

Од Банката информираат дека од утре до 27-ми овој месец ќе пензионерите ќе можат да ја подигнат својата пензија само на банкоматите на НЛБ Банка, додека од 28 март пензиите ќе можат да се подигнат и преку експозитурите на Банката.

Согласно со мерките и препораките на надлежните органи за заштита од корона вирусот Covid-19, Шпаркасе Банка Македонија на своите клиенти пензионери ќе им овозможи пензијата за месец март да им биде на располагање почнувајќи од 25 март 2020 година (среда). Во период од 25 до 27 март исплатата ќе биде достапна за подигнување само од банкоматите на Банката со дебитна картичка, додека од 28 март (сабота), покрај од банкоматите, исплатата на пензии ќе може да се изврши и преку шалтерите во експозитурите на Банката.

Заради исплатата на пензиите, на 28 март (сабота) ќе работат сите експозитури на Банката со работно време од 08:30 до 13:00 часот. Во насоки на заштита на здравјето на клиентите кои се од поризична и посензитивна група граѓани, Банката го поместува работното време на експозитурите за половина час порано во деновите од 28 до 31 март.

Се замолуваат сите други клиенти да се воздржат од посета на експозитурите особено во периодот до 11 часот, со што би им дале предност на пензионерите и воедно би се избегнале редиците и гужвите пред шалтерите во експозитурите.

 

 

Поврзани вести

Битиќи: Креираме политики кои ќе овозможат предвидливо бизнис опкружување и привлекување на капитално интензивни инвестиции

Влатко Зорба

НУК: Ја поздравуваме одлуката за продолжување на субвенција за плати за вработените во угостителската индустрија

Влатко Зорба

Меѓународниот Aеродром Скопје ја доби ASQ-наградата за квалитет на аеродромски услуги

Влатко Зорба