СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Оштетени штедачи: Како деловно неактивна фирма добила кредит од 380 илјади евра од Еуростандард банка?

„Фирма со еден сопственик основана во 2013 година со непаричен влог од 5 илјади евра немала поднесено годишна сметка од 2017 година на наваму и не била деловно активна. Меѓутоа, тоа не пречело да се задолжи во Еуростандард банка во 2018 година, во време кога фирмата немала никаква активност. Според извештајот за банката на стечајниот управник Душко Тодевски, оваа фирма има добиено кредит, сега во редот на сомнителни и спорни побарувања, во вредност од околу 380 илјади евра, со обезбедена хипотека од земјоделско земјиште во село Врапчиште, Гостиварско. Направената процена на земјоделското земјиште изнесувала околу 240 илјади евра. Од кога е даден кредитот, фирмата не исплатила ниту една рата. За да конечно, фирмата се затвори односно се избрише од регистарот на фирми на 27 февруари 2020 година. Основата за бришење на фирмата е повеќегодишна неактивност и неподнесување на годишни завршни сметки, а во согласност со законските одредби од Законот за трговски друштва“, соопштува Здружението на оштетени штедачи на „Еуростандард банка“.

„Овој случај е уште еден чист криминал во редот на 149 фирми приматели на ненаплатливи или тешко наплатливи кредити преку кои се украдени околу 55 милиони евра од депозитите во Еуростандард банка. Кражбата е евидентна. Само врз основа на фактичката состојба за криминалниот случај опишан погоре, се поставуваат многу прашања. Како е можно да раководството на Еуростандард банка одобри кредит на фирма која е деловно неактивна? Врз основа на кои и какви документи е направена кредитната анализа на фирмата? Врз основа на кои интерни политики и процедури за кредитен ризик како и критериуми за одобрување на кредити, раководството на банката одобрило да биде даден кредит на оваа фирма? Како тоа раководството на банката одобрило значително поголем износ на кредитот во однос на проценетата вредност на земјоделското земјиште? Зошто не е отворен стечај за оваа фирма на основа на долгот кон Еуростандард банка туку истата директно се затворила, а со тоа пропаднало и целото побарување, сега кон нас оштетените доверители?

За да јавноста биде запозната, на дебатната емисија на ТВ24 во ноември минатата година, Трифун Костовски јавно обзнани дека кредити се давале со нереално зголемени проценети цени на хипотеки, конкретно наведувајќи токму пример за даден голем кредит врз основа нереално проценето обезбедување со земјоделско земјиште во село Врапчиште, Гостиварско. Оттука, се поставува и прашањето, дали и колку се реално проценети и хипотетките кои се дадени за делените кредити во Еуростандард банка.

Вакви и слични случаи во банката има многу. Секој случај на неповратен кредит е посебна криминална сторија. Кражба на депозити со умисла и план. Како е можно да е правен криминал од вакви огромни размери со години, а да гувернерката Анита Ангеловска Бежоска не го видела тоа!?

Очигледно, ниту се проверувал кредитниот ризик на изложеностите во банката, ниту се почитувале одредбите на одлуката за управување со кредитен ризик, ниту пак се применувале критериумите за одобрување на кредити. Едноставно, се крадело свесно и масовно.

Сепак, добро знаејќи го сето ова, зошто гувернерката Бежоска не вовела санкции кон банката и не ги одземала лиценците за работа на тројцата првотимци од банката? Зошто не вовела административна управа во банката? Едноставно, зошто не направила нешто за да го спречи криминалот пред неколку години, уште кога можело нешто да се спречи и санира? Дали гувернерката Бежоска чувствува задоволство што ние и нашите семејства сега страдаме и сме во агонија? Тројцата првотомци, добро познатите раководни лица во Еуростандард банка, масовно и свесно потпишувале и одобрувале ненаплатливи кредити додека гувернерката Бежоска тоа го одобрувала и им дозволила да продолжат да крадат. Каде се законските механизми за да се спречи ваков масовен грабеж на нашите депозити? Ова ли е начинот на кој функционира гувернерката Бежоска како соучесник во овој организиран криминал? Тешко на граѓаните и фирмите кои имаат депозити и работат со банки со ваква личност како главен диригент на Народна банка, која како високо поставена државна институција гарантира за сигурноста и безбедноста на депозитите во домашните банки.

Овој масовен, добро организиран криминал, мора да има свој крај. Знаеме и цврсто веруваме дека на крајот овие криминалци, манипулатори и измамници ќе се соочат со лицето на правдата и ќе одговараат за своите криминални постапки, а на нас, граѓаните и фирми депоненти, ќе ни се вратат нашите лични покрадени пари. Сепак, крајот го краси делот“, додаваат оттаму.

Поврзани вести

Франција забележа историски пад на БДП од 13,8 проценти во вториот квартал

Stefanija Kuzmanovska

Нуредини: „Пејпер Мил“ ќе стартува со производство, кога ќе ги исполни обврските

Влатко Зорба

Туристичките агенции „се радуваат“ и на малиот интерес од граѓаните за патување за новогодишните празници