„Ние, оштетените физички и правни лица на Еуростандард банка, делувањето на банкарската мафија во грабежот на нашите лични пари и нивна неказнивост, најдобро ги почувствувавме на своја кожа. Две високи и моќни институции во државата кои треба да бидат гарант на сигурноста, стабилноста и вербата во институциите, но и гарант на правата, правдата и законитоста, директно ни го покажаа патот кон несигурноста, неправото и пред и се, организираниот криминал. Од една страна, Народна Банка која требаше да биде гарант за сигурноста на нашите вложени пари дозволила речиси една деценија истите систематски да се одлеваат и ограбуваат речиси без контрола. Од друга страна, Уставниот суд (за чие заседавање дополнително ќе објавиме во детали во наредните денови) кој треба да биде чувар на уставноста, законитоста и заштитник на темелните вредности на уставниот поредок, не поведе постапка за оценување на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки, којшто е очигледно спротивен на Уставот. Со тоа, ние повторно ќе бидеме ограбени во стечајната постапка“, се вели во денешното сооппштение на Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.
„Овде не се работи само за банкарските мафијашки ликови кои ги крадат нашите пари депонирани во локалните банки преку разни криминални шеми зготвени во нивните умови и спроведени на дело, туку за толерирањето и неказнивоста од нашите државни институции и истражни органи кои преку своето неделување и затскривање на криминалот, истиот го штитат и се соучесници во него. Мотивот е јасен. Разни бенефиции и провизии, погодности и напредувања, се дел од тоа што е познато. Сумарно, криминалот и корупцијата се длабоко вгнездени во државата и имаат метастазирано до тој степен да еве, и банкарската мафија ги контролира и ги управува тековите на обвиненија и предмети за сторен криминал кои завршуваат со негативна одлука или се некаде попатно изгубени во системот низ годините што поминале.
Се прашуваме дали епилогот на овој криминал е порака до јавноста да знае дека парите што ги имаат доверено во банките над осигурената сума од 30.000 евра за физички лица и целокупната сума за правните лица, не им се сигурни и истите треба да си ги повлечат. Треба да се даде и одговор како ќе работат правните лица преку банка, за што се законски обврзани, а нивните средства не им се осигурани, што е спротивно на законските одредби и начела не само во цела Европа туку и пошироко во светот.
Зад сето тоа сме убедени дека стои банкарската мафија која управува со нашите депозити за остварување на што поголеми профити, додека толерираниот грабеж на нашите пари што се случува во позадина во соработка со институциите споменати овде, останува неказнет, толериран и игнориран, заробен и заклучен во нивните фиоки заради добивање на разни привилегии и провизии. На крајот, сите тие се среќни и задоволни од поделениот плен, а на оние што се оштетени и ограбени останува да живеат во агонија и да го поминат животот водејќи војна према тие што ги ограбиле, а жалејќи се на оние кои исто така се вклучени во криминалот а требале да го спречат и казнат истиот. Ете, затоа банкарската мафија е толку моќна во Македонија“, истакнуваат оттаму.