Берзите изреагираа на кризната ситуација на Блискиот Исток по американскиот воздушен напад во Иран и убиството на генералот Касим Сулејмани, цената на нафтата денеска порасна, јави „Блумберг“.
Духовниот лидер на Иран, Али Хомеини вети „жестока одмазда“ за убиството на Сулејмани, генерал на специјалната единица „Ал Кудс“ на Корпусот на стражите на исламската револуција. Генералот беше убиен утринава во воздушен удар на САД недалеку од аеродромот на Багдад.
Главните европски и американски берзи реагираа по ескалацијата во регионот и го започнаа денот со намалени котирања. Од сите, најмногу добија нафтените компании, златото, јенот и хартиите од вредност, пренесува „Блумберг“.
Цените на акциите на американските и руските нафтени компании пораснаа во просек од 1.3 до 2 отсто. Цената на нафтата од марката „Брент“ се зголеми за 4 отсто, највисок резултат во последните четири месеци.
– Апетитот за ризик се зголемува. Сега многу зависи од тоа како ќе одговори Иран, изјави за агенцијата Митул Котеча, стратег за пазари во развој на „Те-Де Секјуритис“.
Според „Блумберг“, промени има и во котирањата на скапоцените метали. Цената на златото на спот пазарите достигна 1542.47 долари за унца, 0.9 отсто поскапо од претходниот ден. Цената на сребото порасна за 1.3 отсто.
– Веројатноста за брза реакција не треба да се отфрли. Тоа ќе го поддржи котирањето на златото во краток рок, изјаво Џинги Пан, аналитичар во сингапурскиот оддел на „Ај-Џи Азија Пте“.
Интересот за злато лани се зголеми и неговата цена порасна за 18 отсто. Аналитичарите се убедени за сличен раст и оваа година – до 1.600 долари за унца.
Европските и кинеските берзи го започнаа денот со намалени котирања. Главните берзи во Европа денеска изгубија 1 отсто. Берзите во Кина и Хонг Конг исто така се намалија од 0.2 до 0.3 отсто.