Земјите од Западен Балкан, како и останатите светски економии, ќе бидат погодени од последиците на пандемијата на Ковид-19. Тие оваа година ќе потонат во рецесија и би можеле да забележат пад на бруто домашниот производ дури 11,3 отсто, објави денеска Светската банка (СБ).
Како што е наведено во најновиот Редовен економски извештај на Светска банка (РЕР), кој користи основно и неповолно сценарио со оглед на високите неизвесности предизвикани од пандемијата, регионалниот економски раст на Западен Балкан се предвидува да биде негативен и, најверојатно, ќе се движи помеѓу минус три и минус 5,6 проценти. Таквиот пад се предвидува под услов пандемијата во Европа наскоро да почне да забавува, што ќе значи дека може да се укинат рестриктивните мерки до крајот на јуни, а закрепнувањето може да започне постепено во втората половина на 2020 година.
Неповолното сценарио предвидува продолжување на пандемијата и укинување на мерките за нејзино спречување дури кон крајот на август, а економското закрепнување да почне во последниот квартал на 2020 година.
Според Светска банка, Република Северна Македонија би имала најмала штета, за чија економија се проценува пад од 1,4 до 3,2 отсто.
Најлоши се проценките за Косово, кое во случај на поволно сценарио го очекува пад на БДП од 4,5 проценти, а во случај на неповолен развој на ситуацијата тој пад би изнесувал дури 11,3 отсто.
Слични прогнози важат и за Црна Гора, која во случај на брзо спречување на ширењето на коронавирусот, очекува економски пад од 5,6 проценти, а во случај на продолжување на пандемијата до крајот на летото, падот би бил дури 8,9 отсто.
Исто се движат и предвидувањата за Албанија, каде е предвиден пад на БДП од пет, односно 6,9 проценти.
Малку подобро би било во Босна и Херцеговина, со проектирани стапки на пад од 3,2, односно 4,2 отсто. Србија ја очекува негативна стапка од 2,5, односно 5,3 проценти.
– Иако е тешко да се предвиди економското влијание на пандемијата, нема сомнеж дека го отежнува животот во целиот регион, бидејќи го оптоварува здравствениот систем, ја парализира економската активност и ја загрозува благосостојбата на луѓето, изјави Линда Ван Гелдер, директорка на одделот за земјите од Западен Балкан при Светската банка.
Закрепнувањето од последиците на пандемијата на Ковид-19 е можно на среден рок, но сето тоа ќе зависи од траењето на блокадата, како и од мерките преземени од надлежните органи на државите од Западен Балкан.