Во мај 161 одобрение за градење, најмногу во Скопскиот регион, ниту едно во Североисточниот
Во мај годинава се издадени 161 одобрение за градење, за 27,5 проценти помалку во однос на мај лани. Предвидената вредност на објектите изнесува 1.559.061.000 денари, или за 60,9 проценти помалку во однос на мај минатата година, објави денеска Државниот завод за статистика.
Од вкупниот број издадени одобренија за градење во мај годинава, 81 (50,3 проценти) се наменети за објекти од високоградба, 28 (17,4 проценти) од нискоградба и 52 (32,3 проценти) за објекти за реконструкција. Кај 85 објекти (52, 8 проценти) инвеститори се физички лица, а на 76 (47,2 проценти) објект инвеститори се деловни субјекти.
Податоците на статистика покажуваат дека најмногу дозволи за градење се издадени во Скопскиот регион, 66, од кои 11 во Општина Карпош, 10 во Општина Аеродром, по седум во Општина Центар, Кисела Вода и Чучер Сандево, шест во Чаир.. Двојно помалку или 33 одобренија има во Источниот, по што следи Вардарскиот со 21, Пелагонискиот со 16, Југозападниот со 13, Југоисточниот со девет, а ниту едно одбрение за градба не е издадено во североисточниот регион.
Во извештајниот период е предвидена изградба на 432 станови, со вкупна корисна површина од 35.471 метар квадрарен. Најголем број станови, 376, се во Скопскиот регион, од кои 227 во Општина Аеродром, 88 во Општина Гази Баба, 28 во Општина Центар, 20 во Општина Карпош.