ЖРСМ Транспорт соопштија дека ја завршиле 2020 година со негативен резултат заради состојбата со Ковид-19. Нивните податоци покажуваат вкупна загуба од 512.123.000 денари.
Во товарниот сообраќај претпријатието бележи загуби од 145 милиони денари, а во патничкиот од 45 милиони денари. Се надеваат дека ќе се надмине ситуацијата со Ковид 19 и ќе нема порестриктивни мерки што ќе влијаат на обемот на работа.
-Уште од поделбата на нашата компанија во 2007, на Инфраструктура и Транспорт, ЖРСМ – Транспорт А.Д ги има наследено сите долгови на компанијата и од тогаш не е во можност да функционира како што треба имајќи ги во предвид судските одлуки коишто произлегуваат како последица на неподмирени (стари ) долгови кон домашните компании и кон странски железници. ЖРСМ – Транспорт А.Д. оваа година ја заврши со негативен резултат заради ситуацијата со КОВИД 19. Нашите евидентирани податоци покажуваат загуба од 512.123.000 денари, а во 2019 година имаше загуба од 403.954.000 ден, изјавија од ЖРСМ Транспорт АД за МИА.
Оттаму велат дека имаат негативно мислење околу можноста за приватизација, но потенцираат дека ЖРСМ – Транспорт А.Д е од значајна вредност за државата и како таква е со специјален општествен интерес. Во постапка се за донација на две локомотиви од Турција, а потоа ќе следи и соработка со Турските железници (ТЦДД) за одделот влеча на возови и одржување.
– Во постапка е процесот на двете локомотиви што ќе ги добиеме од Турција. По завршувањето на ова, ќе следи постапката за соработка на ЖРСМ – Транспорт со ТЦДД во врска со влеча и одржување на возовите. Сега нема ништо конкретно за влеча и одржување на возови, но работиме на завршување на постапката за локомотивите, велат од ЖРСМ Транспорт АД, чие раководство неодамна претсојуваше во работна посета на Турските железници.