„Еуромакс Рисорсис“ се длабоко разочарани од одлуката на Владата еднострано да го раскине договорот за концесија за рударската област Иловица 6, бидејќи компанијата е цврсто уверена дека сите нејзини обврски се навремено завршени. Главниот оперативен директор на компанијата, Патрик Форвард, на денешната средба со медиумите, ги претстави Габриел Лански и Арлин Зеќири од реномираната и престижна меѓународна правна фирма „LANSKY, GANZGER & Partner“.
Како што објасни Форвард, компанијата инвестирала повеќе од 50 милиони евра во проект што ќе резултира во натамошно инвестирање од 340 милиони евра за време на изградбата, создавање на повеќе од 500 директни работни места и над 2700 индиректни работни места во регион каде што луѓето секојдневно заминуваат заради сериозен недостаток на можности за поквалитетен живот. Нивната инвестиција во животната средина и социјалното истражување потврдува дека рударството и земјоделството можат и ќе коегзистираат и нема да има никакво влијание врз здравјето на граѓаните.
„Ние разбираме дека причината за откажување е наводното недоставување на сите потребни документи од нашата апликација за дозвола за експлоатација. Сепак, можам да кажам дека сите документи зависеа од завршувањето на другите процеси со Владата. Нашите апликации датираат од пред речиси четири години, бевме трпеливи и вредно работевме заедно со Владата да ја завршиме постапката околу нашето одобрение“, рече извршниот директор Форвард и дополни:
„Особено беше разочарувачко затоа што во изминатите недели имаше неколку изјави од владини претставници, вклучително и Премиерот, дека административниот суд ќе заврши пред секоја понатамошна постапка. Можам да потврдам дека Управниот суд сè уште не донесе пресуда за случајот. Дека владата може да донесе таква одлука додека има постапка во Управен суд, поставува сериозни прашања во врска со владеење на правото. Исто така, тоа испраќа многу лоша порака до компанијата околу нејзиното понатамошно инвестирање во државава“.
Според Владата, оваа одлука не е одговор на притисокот на активистите кои се против отпочнување со работа на рудникот. Со оглед на времето на прекинување и покрај уверувањата дека Владата ќе чека на Управниот суд, ова сепак изгледа како политичка одлука.
Компанијата посочува дека нема никакво негативно влијание врз квалитетот на воздухот, земјоделството или здравството. „Во јули 2018 година, на клучниот состанок на засегнатите страни на кој присуствуваа важни фигури на Владата, вклучувајќи го Премиерот и експерти од оваа област, како и истакнати професори од своите области, бевме во можност да одговориме на прашања и да ги побиеме сите тврдења на активистите“, рече Форвард.
Габриел Лански истакна дека Еуромакс има силен случај за заштита на меѓународните инвеститори, но тие ќе се обидат да преговараат заедно со Владата за да се реши спорот.
„Сите договори предвидуваат дека, пред да се извести за арбитража во меѓународен центар за арбитража, оштетената страна – тоа е Еуромакс и Владата заеднички да преговараат за да го решат овој спор“.
„Еуромакс има на располагање повеќе билатерални договори за заштита на инвеститорите за да ја одбрани својата позиција и да бара отштета и други заштитни мерки против Северна Македонија. Случајот е силен и не се сомневаме дека Еуромакс ќе успее во евентуален судски спор, затоа што е јасно дека одлуките на Владата на Северна Македонија нарушиле цел спектар на права што инвеститорите ги имаат во Северна Македонија како земја домаќин “.
„Според тие договори за заштита на инвеститорите, Владата ја прекрши должноста да обезбеди фер и правичен третман на инвеститорите на нејзината територија (FET стандард). Како и должноста Северна Македонија да ги даде потребните дозволи во врска со инвестицијата и должноста да ги заштити инвестициите направени на територијата. Уништена е довербата создадена од Владата, врз основа на која се донесени решенија за материјално инвестирање и Владата е одговорна за тие активности “, рече Лански.
„Одлуката на владата за прашање што е во судска постапка, покренува сериозни прашања во врска со владеење на правото, одделување на овластувањата и процесите. Институциите на Европската унија, земјите членки на ЕУ и меѓународната деловна заедница внимателно го следат овој случај “, рече Лански.
Визијата на Еуромакс е сè уште да се изгради рудник кој би претставувал пример за модерно рударство и да покаже дека земјата може да ги искористи природните ресурси со кои е благословена, без да бидат загрозени здравјето или животната средина.