Целата Европска унија е загрижена за еден оглас за вработување објавен од „Амазон“. Имено, компанијата на Џеф Безос неодамна објави дека бара „аналитичар за разузнавање“, а приоритет имаат луѓето што зборуваат шпански и француски јазик.
Задачата што ја вклучува оваа работа е да ги следи оние кои испраќаат закани до „Амазон“, а во тоа спаѓаат синдикатите и политичките лидери. Аналитичар за разузнавање би собирал информации за сите чувствителни теми во врска со компанијата на Безос, за кои, се разбира, би биле информирани претпоставените.
Рекламата беше избришана кратко откако беше објавена, но не пред да го привлече вниманието на политичарите во Европа. Така Лејла Шајби, член на Европскиот парламент, ги собра своите колеги и заедно испратија писмо до Џеф Безос, пренесува CNBC.
Во писмото тие ја изразија својата загриженост за огласот за вработување и прашаа дали тоа значи дека сите, вклучително и европските политичари, ќе се најдат под потенцијалниот „надзор“ на Амазон.
„Ние сме многу загрижени за вашите намери. Ние сме заинтересирани дали ова вклучува следење на синдикалци и политички претставници кои ја критикуваат работата на компанијата“, е дел од пораката потпишана од 36 члена на Европскиот парламент.
Како што за медиумите изјавија од „Амазон“ по отстранувањето на огласот, описот на работното место не беше соодветно објаснет и не станува збор за шпионирање, туку за анализа на податоците што се јавно достапни, со цел да се подобри деловната активност на компанијата.