Главниот извршен директор на Твитер и ко-основач Џек Дорси во вторникот објави дека „во иднина“ 19 јуни, денот кога се обележува укинувањето на ропството во Соединетите држави, ќе биде неработен ден за неговите две компании, „Твитер“ и „Сквер“.
Тој ден ќе го посветиме на „славење, учење и поврзување“, додаде тој во објавата на Твитер.
Соопштението доаѓа откако Соединетите држави ги тресе бран протести против расизмот и полициското насилство, по смртта на Џорџ Флојд, Афроамериканец, задушен пред две недели од бел полицаец.
На 19 јуни 1865 година, генералот Гордон Гранџер прочита проглас за ослободување на Афроамериканските робови во Тексас, последната сојузна држава што го укина ропството по завршувањето на Граѓанската војна.
„Juneteenth“ (името потекнува од комбинацијата на англиските зборови јуни и деветнаесетти) веќе беше празник во Тексас и во повеќето држави.