Иако има пораст на продажбата на електрични автомобили на крајот на 2019 година, на почетокот на оваа година поради пандемијата на коронавирус, очекувањата паднаа значително на голем број светски пазари. Според предвидувањата на експертите, најголемиот удар за овие возила допрва треба да следи, а се очекува дека во вториот квартал нивната побарувачка би можела да падне за повеќе од 70 проценти во однос на истиот период лани.
Поради новата криза, многу фабрики беа затворени, а под голем притисок се најде продажбата на сите автомобили.
Но, експертите предупредуваат дека ситуацијата, кога станува збор за еклектрични автомобили, може да биде уште полоша во однос на возилата со внатрешно согорување. Во прилог на ова, како и претходните предвидувања, е фактот дека Кина, како најголем пазар во јануари, забележа пад на продажбата на овој вид автомобили за 54 проценти, додека оваа бројка се зголеми на 90 проценти во февруари. Во истиот период, сепак, Европа растеше, поради што аналитичарите првично најавија позитивни случувања кои драматично се променија со ширењето на вирусот на европскиот пазар.
Она што особено ги издвојува електричните автомобили како „жртви“ на коронакризата е снабдувањето со суровини потребни за нивно создавање. Литиумот, кобалтот, никелот и графитот се клучни за правење батерии, но овие суровини се сè потешки за пристап во моментот. Имено, границите на државите од кои се снабдуваат овие суровини се затворени, а производството и рударството скоро се запрени. Сето ова може да значи дека 2020-тата ќе биде уште поголем предизвик за производителите на електрични возила – и со падот на цените на горивата, можеби не е толку интересна и рентабилна за купувачите, како што беше пред само неколку месеци.