„Голдман Сакс“ бара од своите вработени да пријават дали биле вакцинирани против коронавирус до четврток напладне.
Барањето, испратено до вработените со писмо, е последно во низата потези на Вол Стрит да се обиде да го нормализира бизнисот откако повеќето вработени во индустријата поминаа повеќе од една година работејќи од дома, пишува „Блумберг“.
Банките имаа рекорден профит во овој период, но и покрај ова, многу менаџери се пожалија на работата од далечина. Извршниот директор на Голдман, Дејвид Соломон веќе со месеци вели дека сака што побрзо да ги врати вработените во канцелариите.
„Ова не е идеално за нас и не е ново нормално“, рече Соломон на конференција во февруари. „Тоа ќе го исправиме што е можно поскоро“.
„Карлајл Груп АД“ и „Варбург Пинкус“ веќе им рекоа на вработените дека ќе треба да се вакцинираат против корона за да можат да се вратат во канцелариите во септември. Според федералниот закон, работодавците во САД може да бараат вработените да бидат вакцинирани. Ова е во согласност со упатствата дадени од Комисијата за еднакви можности за вработување минатиот месец.
Работниците можат да побараат изземање од вакцинација од религиозни или медицински причини.