СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

Како помина првиот квартал за компаниите што котираат на берза

Од 100-те друштва чии хартии од вредност котираат на Македонска берза, 97 друштва имаат објавено тримесечен биланс на успех. Од објавените 97 тримесечни биланси на успех се констатира дека 58 друштва првиот квартал од 2020 година го завршиле со позитивен финансиски резултат – нето добивка, а 38 друштва кварталот го завршиле со негативен финансиски резултат – нето загуба, додека едно друштво нема регистрирано ниту приходи, ниту расходи, покажува Извештајот за транспарентност на акционерските друштва на Комисијата за хартии од вредност (КХВ).

Во првиот квартал од 2019 година од овие друштва, 62 друштва оствариле позитивен финансиски резултат – нето добивка, а 35 друштва кварталот го завршиле со негативен финансиски резултат – нето загуба.

Оттука, за дел од друштвата првиот квартал од 2020 година бил понеповолен за финансиското работење на друштвата во однос на истиот квартал од 2019 година.

Од аспект на оперативните приходи, кај 46 друштва е забележано зголемување на остварените приходи од редовно работење во првиот квартал од оваа година во однос на остварените приходи од редовно работење во истиот период лани, додека 48 друштва бележат намалување на приходите од редовно работење во првиот годинава во однос на истиот период лани.

Вкупната добивка на 58-те друштва што во првиот квартал од 2020 година регистрирале добивка изнесува 2.461.742.463 денари, додека вкупната загуба на 38-те друштва што тримесечјето го завршиле со загуба изнесува 727.286.000 денари. Во првиот квартал од 2019 година, вкупната добивка на 62-те друштва изнесувала 2.908.608.069 денари, додека вкупната загуба на 35-те друштва што тримесечјето го завршиле со загуба изнесувала 420.283.361 денари.

Забележан е пад од 15% на вкупната добивка што на квартално ниво ја оствариле друштвата чии хартии од вредност котираат на берза оваа година, во однос на истата на квартално ниво минатата година, како и пораст за 73% на вкупната загуба остварена на квартално ниво во првото тримесечје годинава во однос на првото тримесечје минатата година.

Може да се заклучи дека сите друштва од секторите фармација и градежништво чии хартии од вредност котираат на берза, кварталот го завршиле со добивка, а добивката доминира и кај друштвата од секторите банкарство и осигурување, индустрија и трговија. За разлика од нив, во секторите угостителство и услуги, друштвата претежно кварталот го завршиле со загуба. Од аспект на износот на остварениот финансиски резултат, и во кварталните извештаи евидентно е, како и кај годишните извештаи, дека износот на добивката што го остваруваат друштвата од секторот финансии е значително повисок од износот на добивката што ја остваруваат друштвата од другите дејности – индустрија, фармација, трговија со нафта, услуги.

Поврзани вести

Walmart се придружи на Microsoft во лов на TikTok

msp-admin

Бислимоски избран за претседател на Одборот на регулатори на Енергетската заедница

msp-admin

„Тојота“ инвестира сериозни пари во проект за летачко такси

msp-admin