Во некои земји, регулативата со којашто се препознава работењето на фриленсерите, е во сила речиси една деценија. На пример на Малта, вработените се изедначуваат со фриленсерите, ако тие работат слична работа за работодавачот како стандардно вработените. Во Португалија нема целосно изедначување, но тие се законски заштитени во смисла на забрана за мобинг, дискриминација и безбедност при работа.
Сепак, она што беше главно прашање последниве денови во Србија е колку фриленсерите плаќаат даноци во други земји и што добиваат за тоа. Бугарија, Романија и Полска често беа споменувани како ‘фриленс раеви’.
Романија
Во Романија, фриленсерите се регистрираат и склучуваат договори со своите работодавци. Тоа можат да го сторат преку договори за овластено физичко лице што би било најслично на обврските што ги имаат претприемачите во Србија или можат да склучат договор за авторско право, пренесува Startit.rs.
Данокот на приход на хонорарците во Романија е 16%. Што се однесува до пензиското осигурување, тие можат да го платат целиот износ од 26,3%, но исто така можат да платат и 10,5%, што им ја намалува пензијата. Ако заработат помалку од 300 евра, можат да одберат да не го плаќаат тоа осигурување, но тогаш немаат право на пензија.
Здравственото осигурување се решава поинаку и е задолжително. Тоа изнесува 5,5% од приходот од претходната година и се плаќа четири пати годишно.
Белгија
Во Белгија данокот на доход се движи од 25 до 50% во зависност од висината на заработката, а оние кои заработуваат повеќе од 25.000 евра годишно, влегуваат во ДДВ системот, којшто е 21%.
Покрај тоа, во земјата се нуди и социјално осигурување од околу 22%, што се плаќа четири пати годишно, а покрива здравствено, пензиско, како и детски додаток и осигурување за трудници.
Германија
Германските фриленсери не плаќаат данок на добивка, но плаќаат данок на доход (од 14 до 42%), како и ДДВ од 19%, иако може да биде помал во зависност од услугата што ја даваат.
Во однос на социјалните права како што се пензиите и здравственото осигурување, тие немаат никакви обврски кон државата, но немаат никакви права, туку треба да се определат за некои од приватните фондови. Исто така, хонорарците таму не мора да се регистрираат.
Соединети Американски Држави
Според истражувањето спроведено од минатата година, 92% од хонорарците во Америка не можат да земат одмор, но ваков проблем, со слободни денови во таа земја имаат и постојано вработените. Нивната просечна годишна плата со полно работно време, со повеќе од три години искуство, е нешто повеќе од 70.000 долари.
Како што советуваа соговорниците на Forbes, даноците се толку комплицирани, како и законите, што треба да се ангажира даночен советник. Постои данок за социјално осигурување и здравствена заштита од 15,3%, што го плаќа фриленсерот.
Потоа, тука е данокот на проектираниот приход, кој треба редовно да се плаќа, но неговиот износ е исто така променлив. Во зависност од градот и државата, може да има и дополнителни даноци, па затоа е тешко да се направи единствен пресек за тоа колку хонорарците издвојуваат за даноци, но тоа секако е повеќе од 30%.