СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

Контрола врз контролата на тутунот?

Контролата на тутунот е област во која науката, политика како и практиките на јавно здравје се посветени на контрола на употребата на тутун на глобално ниво со цел намалување на морбидитетот и морталитетот што ги предизвикува пушењето. Контролата на тутунот е приоритетна област за Светската здравствена организација (СЗО), изразена преку Рамковната конвенција за контрола на тутунот. Оваа конвенција претставува формален и обврзувачки договор ратификуван во 181 земја и е еден од најбрзо ратификуваните договори во историјата на Обединетите нации.

Интервенции кои до сега се преземени за контрола на тутунот насочени кон населението, односно крајните потрошувачи, вклучуваат зголемување на цените и акцизите на тутунските производи, експлицитни и впечатливи кампањи пласирани преку масовни медиуми против употребата на тутун и сеопфатни регулативи поврзани со пушењето. Овие кампањи се фокусираат на нагласување исклучиво на последиците, што на пушачите им остава единствен избор – пуши или умри. Но и покрај овие преземени чекори бројот на пушачи на светско ниво во последните 20 години не се намалува, а проекциите покажуваат дека и во наредните 5 години бројките ќе останат горе-долу исти. Од друга страна, постои нешто што во светската здравствена и регулаторна јавност претставува прилично контроверзна тема, која сѐ уште е предмет на жестоки дискусии, несогласувања и силни спротивставени ставови – концептот за намалување на штетите од тутун (THR). Ова подразбира стратегии дизајнирани да ги намалат здравствените ризици поврзани со пушењето, но кои можат да вклучуваат континуирана употреба на никотин. И покрај јасноста на пораката дека илјадниците штетни и бројните канцерогени материи во чадот од цигарите доведуваат до предвремена смрт и болести, дури и по многу години, науката за „почисти“ или „побезбедни“ производи со несогорлив тутун што содржат никотин останува силно оспорена.

Со негирање на улогата на THR, СЗО работи против принципите и практиките содржани во сопствените ветувања за глобално унапредување на здравјето и во меѓународните конвенции релевантни за правото на здравје, вклучително и во член 1 (г) од Рамковната конвенција за контрола на тутунот. Воедно, концептот на намалувањето на штетата е вклучен во скоро секое поле на работа на СЗО, освен кога станува збор за тутунот. Побогатите земји се тие кои досега имале најмногу бенефит од  THR концептот. Многу земји со низок и среден приход, преку комбинација на прохибиционистички политики остануваат без соодветни, прифатливи и достапни алтернативи за цигарите.

Степенот на прифаќање на производите кои произлегуваат од концептот за намалување на штети, како и степенот и видот на правно регулирање на тутунот, производите кои содржат тутун, тутунските алтернативи и останатите производи кои спаѓаат во оваа категорија, драстично варира од земја во земја. Конкретни податоци, за секоја земја можат да се најдат во GSTHR извештајот објавен минатата година. Зошто и покрај докажаната неефикасност на досегашните конвенционални обиди за намалување на бројот на пушачи и контрола на тутунот на светско ниво не се прифаќаат промени и се отфрлаат доказите за потенцијалот на THR концептот кога е во прашање тутунот?

Еден од најмоќните личности во светот, а воедно и најголем поддржувач на стратегијата за контрола на тутунот, Мајкл Блумберг со својата филантропска организација „Bloomberg Philanthropies“ уште од 2007-та година преку иницијативата за намалување на употребата на тутун (Bloomberg Initiative to reduce tobacco) и инвестиција која, според нивната веб страница, тежи 1.1 милијарди долари, помага во креирање на политиките и законските регулативи во врска со тутунот во голем број земји во светот. Прашање е дали организација од ваков тип може и смее да се „меша“ во креирање на национални политики, без разлика на темата, и зошто тоа го прави.

Во декември минатата година на седница на конгресот во Филипини, филипинската Агенција за храна и лекови признава дека прифатила средства од „Иницијативата на Унијата и Блумберг, меѓународни приватни групи кои се залагаат против сите форми на производи од тутун, вклучително и електронски системи кои содржат никотин (ENDS) и производи кои загреваат тутун (HTP) …“. Агенцијата првично негирала дека добила такви средства. Во одлуката која произлегува од оваа седница е наведено дека „со прифаќањето на парични средства од организации кои се против тутунот, а за возврат имплементација на специфични и однапред дефинирани политики насочени против тутунот, вклучително и против гореспоменатите електронски системи кои содржат никотин и производи кои го загреваат тутунот, официјалните претставници на филипинската Агенција за храна и лекови потенцијално ги прекршиле законите бидејќи не ја обелодениле информацијата за прифатените средства од засегнатите страни. Потенцијалниот конфликт на интереси во овој случај не смее да биде игнориран“. Одлуката понатаму повикува на истрага за „сомнителното прифаќање на приватно финансирање на Агенцијата во замена за издавање специфични, однапред дефинирани политики за производи кои подлежат на законска регулатива, со комплетно запоставување на добробитта на потрошувачите и политики кои треба да се засноваат на цврста наука и добри регулаторни практики“. Според медиумите, Проф. Дејвид Џон Нут од Кралскиот колеџ во Лондон, претседател на „Drug Science“, вели дека „Би било интересно да се разгледа случајот на  Филипините за да се утврди дали биле прекршени какви било закони на кои подлежат добротворните организации на САД, особено ако незаконски се мешале во управувањето со друга држава“. Консултант за здравствена политика Скот Балин, кој претходно работел на регулативите на FDA во САД за тутун, вели: „Ако индустријата за тутун го стореше ова, како што сите добро знаеме, ќе дојдеше до бес од јавни здравствени субјекти …“.

На веб-страницата Блумберг стои дека „69 земји добија грантови и техничка поддршка“ и „54 држави носат нов Закон за контрола на тутунот како резултат на поддршката на Bloomberg Philanthropies“. Ова вклучува директни грантови за повеќе владини агенции во текот на последната деценија кои одговараат на напорите да се забранат алтернативи за пушење: Министерството за здравство на Либан добило средства директно од Блумберг,

и во исто време Министерството го блокираше увозот и продажбата на електронски цигари во 2013 година. Во Мексико, повеќе владини агенции и други тела за јавно здравје – вклучувајќи го и Институтот за јавно здравје, добиле средства од Блумберг во 2007 година за „законодавство“, вклучително и за „лобирање“, што се совпаѓа со забраната за електронски цигари во 2008 година, која сè уште не е укината. Министерството за здравство на Турција добило средства од Блумберг и неодамна биле забранети бездимните алтернативи. Во Украина, оваа година, медиумите известуваат за „скандалот“ на Филипините, забележувајќи дека „борбата на Организациите на Блумберг „за чисти бели дробови“ несекогаш се води на легален начин…“. Медиумот сугерираше дека „загубите на украинската држава од „одделенијата на Блумбергможат да бидат многу посериозни“ и  дека локалната невладина организација Zhittya, финансирана од Блумберг, лобирала за повисоки даноци на производите за загревање на тутун, водејќи политика медиумот да сугерира дека: „вкупниот износ на загуби за државниот буџет од изгубената акциза за тутун може да надмине 5 милијарди UAH “.

Секако, проблемот не е само во тоа што државните буџети губат пари, туку што со прифаќањето на овој модел и со затворање очи пред реалноста, им се оневозможува на возрасните пушачи кои не сакаат да го остават тутунот или никотинот да преминат на подобри алтернативи, кои докажано имаат помалку штетно влијание врз организмот, од пушењето.

Поврзани вести

Јанковски од директор стана сопственик на Diners Club International Macedonia

msp-admin

Приходите на Apple растат и покрај падот на продажбата на iPhone

msp-admin

„Фолксваген“ со загуба од 800 милиони евра во првата половина од годината

msp-admin