СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Делегација на германско стопанство со нова услуга за компаниите од Македонија за пристап до германскиот пазар

Делегацијата на германското стопанство соопшти дека нуди нова услуга со која на компаниите добавувачи од Северна Македонија, Албанија и Косово ќе им се овозможи пристап на германскиот пазар.

„Новата услуга која ја нудиме на компаниите-добавувачи од Северна Македонија, Албанија и Косово, е аквизирање на нови клиенти и презентација на нивните компании во Германија, при што вршиме проценка со која се утврдува капацитетот за извоз на компаниите. Со оваа услуга им овозможуваме на компаниите од Западен Балкан пристап на германскиот пазар. Истовремено, за германските компании се јавуваат можности во однос на Lean менаџментот, што подразбира оптимизирање на процесите со намалување на активностите кои се без додадена вредност, потоа оптимизирање на трошоците, како и диверзификација на ризиците“, велат оттаму.

Во моментот се основа Советот на експерти за проширување на синџирите на добавувачи. Членови на Советот се значајни личности во индустријата и стопански здруженија во Германија. Овој Совет ќе ја врши проценката во однос на компетентноста за извоз на македонските, албанските и косовските компании. Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија се надева дека оваа услуга ќе го разбуди интересот кај компаниите. Доколку одредена компанија добие позитивна оценка од Советот на експерти, мрежата на германските комори ширум светот ќе биде отворена за истата.

„Компаниите од Северна Македонија може да се обратат до мојата колешка Марија Томова Спирковски (tomova@nordmazedonien.ahk.de). Компаниите од Албанија и Косово своите барања треба да ги проследат до мојот колега Рамадан Абдулаи (abdulai@nordmazedonien.ahk.de)“, вели Патрик Мартенс Директор на Делегацијата на германското стопанство .

Делегацијата на германското стопанство во наредните месеци активно ќе работи на нова стратегија за вмрежување на членовите на Македонско-Германското стопанско здружение. Целта е да се развие нов комуникациски модел кој ќе биде составен од дигитален AHK B2B Hub, како и AHK Blog кој ќе биде на македонски и германски јазик. Дигиталниот AHK B2B Hub не е наменет само за зајакнување на врската помеѓу Делегацијата на германското стопанство и членовите на Македонско-Германското стопанско здружение, туку ќе служи и за зацврстување на соработката помеѓу членовите.

AHK Blog-от ќе понуди нови можности за посилно претставување на Best Practice искуствата на нашите членови, а пак AHK B2B Hub е нова платформа за професионална размена и директен контакт помеѓу компаниите членки на Македонско-Германското стопанско здружение, додава Мертенс.

Поврзани вести

НУК: Дел од угостителите кои беа затворени по 5 мај ќе извисат од шестиот пакет мерки

Во мај само 838 туристи, 99,2 отсто помалку од лани

Одобрени се 5,9 милиони евра за 506 компании, кои вработуваат 3,552 лица

Влатко Зорба