Нема сомнение дека имаме вредни и мотивирани млади претприемачи, како и во многу други земји. Она што недостасува, а го има во земјите коишто се најуспешни на овој план, е т.н. организиран екосистем кој ќе се формира и структурира во вистинска смисла на зборот, вели во интервју за Бизнис Инфо, првиот човек на Македонска берза, Иван Штериев.
Тој смета дека не е доволно да имате само иновативни млади претприемачи, туку потребно е да има соодветно обликувана инфраструктура со можности и за стартапите и за инвеститорите.
– Ова подразбира точно и лесно да се знае колку стартапи се функционални, дејноста во која работат, фазата на развој, кои институции се тука за да обезбедат поддршка во соодветната фаза на развој на стартапот, системско подигнување на свеста за постоењето на различни инструменти за финансирање итн. Состојбите на овој план последните години се подобруваат, но има уште доста простор за напредок. При сето ова треба да постојат објективни и рационални очекувања и на претприемачите и на нивните финансиери. Тука, според нашите досегашни сознанија, не стоиме најдобро. Искуствата од регионот и пошироко покажуваат дека без вака дефинирана и проактивна заедница успешните примери се само изолирани случаи, посочува Штериев.