„Телеком Србија“ и „Теленор“ не се спојуваат, ниту пак тоа беше план. Ова е редовна договорна соработка што е целосно во согласност со европските стандарди и практика, соопшти денеска компанијата „Телеком Србија“.
Како што наведоа, „Телеком Србија“ има намера да ја изнајми својата оптичка инфраструктура на Теленор по комерцијални услови.
„Ова значително го либерализира пазарот на телекомуникации во Србија. Таквата соработка ќе донесе бројни придобивки за корисниците и ќе ја поттикне конкуренцијата и иновативноста во телекомуникациската индустрија, што е основната намера на обете компании“, се вели во соопштението.
Тие додадоа дека бакарната телекомуникациска инфраструктура на „Телеком Србија“ веќе е либерализирана и ја користат повеќе оператори, вклучително и „СББ“, и дека ова е почеток на либерализацијата на оптичката инфраструктура, што, како што рекоа, е раширена практика во Европа.
Во соопштението се посочува и дека не станува збор за исклучителна договорна соработка.
„Теленор“ е само првата компанија со која имаме намера да имаме ваков тип на соработка. Покрај оптика, „Теленор“ ќе има можност да купи содржина од „Телеком Србија“, но ќе има можност да купи и содржини од други производители и дистрибутери, како и можност да произведе своја содржина“, објасни „Телеком“.