Бескаматните кредити од Развојната банка на Северна Македонија поттикнаа интерес меѓу компаниите, а најбројни меѓу барателите се фирми од транспорт и угостителство, а веднаш зад нив услужните дејности.
“Среќни сме што можеме да кажеме дека во овие тешки времиња со двете бескаматни линии ја подржавме ликвидноста на речиси 1.400 домашни компании, а уште поважно е што успеавме да помогнеме во зачувувањето на околу 18.000 работни места“, изјави Кире Наумов, директор на Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје, во интервју за Локално.
“Одзивот на микро и малите компании, трговците и занаетчиите кои се квалификуваат за користење на средства од кредитната линија Ковид 3, ги надмина очекувањата. Имено, уште во првите неколку минути од објавувањето на јавниот оглас на 16-ти декември 2020 година во 00.01 часот, на официјалниот е-маил за прием на кредитни барања kreditiranjecovid3@mbdp.com.mk регистриравме голем број барања за кредит. Обемот на сообраќај беше осумпати поголем од сообраќајот во првиот момент за Ковид 2. Тоа предизвика одредена забавена динамика на автоматските одговори за доставените е-маил пораки, за што известивме истото утро. Сообраќајот целосно се оптимизираше во попладневните часови на 16-ти декември, за што испративме и соопштение до јавноста. Со претходни податоци за бројот и структурата на примените кредитни барања ќе можеме да излеземе по затворањето на Јавникот повик на 30-ти декември 2020 година, во 23.59 часот, а со финалните податоци по завршување на обработката на кредитните барања“, вели Наумов за Локално.