СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

Волстрит „падна“ поради политичката нестабилност во Вашингтон

Берзанските индекси се лизнаа од рекордните нивоа во понеделникот на Волстрит, откако инвеститорите решија да повлечат дел од својата заработка од пазарот по наглиот пораст на цените на акциите минатата недела, но и поради политичката несигурност во Вашингтон.

„Dow Jones“ ослабе 89 поени или 0,29 отсто, на 31.008 поени, S&P 500 се лизна за 0,66 отсто, на 3.799 поени, а индексот Nasdaq – 1,25 отсто, на 13.036 поени.

Минатата недела индексите нагло се зголемија и достигнаа рекордни нивоа бидејќи инвеститорите очекуваат нови стимулативни мерки откако демократските претставници ја освоија предноста и во Сенатот.

Бидејќи демократите веќе имаат мнозинство во Претставничкиот дом, мнозинството во Сенатот ќе му овозможи на новоизбраниот претседател Џо Бајден полесно да ги спроведува своите планови во Конгресот, како што се нови стимулации и зголемени инвестиции во инфраструктурата.

Но, инвеститорите стравуваат дека стимулот може да биде одложен бидејќи демократите во Конгресот започнаа втор обид за соборување на претседателот Доналд Трамп.

Вчера тие поднесоа предлог-резолуција со која се повикува на негово отповикување за поттикнување бунт, откако неговите поддржувачи упаднаа во Конгресот минатата недела, по што загинаа пет лица.

Покрај тоа, ФБИ предупреди дека се планираат вооружени протести во Вашингтон и 50 федерални метрополи пред инаугурацијата на претседателот Бајден на 20 јануари.

„Кога пазарите гледаат на нешто клучно, како што е управувањето со САД, дури и мала количина на несигурност може да има значително влијание“, рече Бред Мекмилан, директор во Commonwealth Financial Network.

Инвеститорите се исто така на штрек бидејќи се ближи сезоната на објавување деловни резултати на компаниите за последниот квартал од минатата година.

Во петок, неколку банки, вклучително и JPMorgan, ќе ги објават резултатите, а во следните недели, финансиските извештаи и проценките на компаниите за понатамошното работење значително ќе влијаат на насоката на пазарот, велат аналитичарите.

И на европските берзи цените на акциите паднаа вчера. Лондонскиот индекс FTSE падна за 1,09 проценти, на 6.798 поени, додека франкфуртскиот DAX се лизна за 0,80 проценти, на 13.936 поени, а парискиот CAC – 0,78 проценти, на 5.662 поени.

Поврзани вести

Доларот зајакна по три недели пад

Кинески технолошки компании планираат да се натпреваруваат со Google Play

msp-admin

Згаснува 20th Century Fox

msp-admin