Загубата што компаниите од угостителскиот сектор, што котираат на берза, ја прикажале во текот на деветте месеци до оваа година е за 605,62% повисока во однос на истиот период минатата година.
Загубите што се остварени во угостителскиот сектор се 17,54% од нето загубите, за период од први јануари до 30-ти септември оваа година, на компаниите што котираат на берза. Тој удел истиот период лани беше само 1,80%.
Најголем пад на износот на нето добивките, според извештајот на Комисијата за хартии од вредност, има кај друштва од секторот угостителство за 95,32%. По овој сектор следат: трговија со нафта за 61,28% и градежништво со 48,49%.
Најголем дел од друштвата чии хартии од вредност котираат на берзата се од различни стопански дејности, но истите оствариле нето добивки во вкупен износ кој е малку повисок од вкупниот износ на остварените нето добивки од друштвата од финансискиот сектор. Нето добивките од друштвата од стопанството претставуваат 51,29% од вкупниот износ на остварените нето добивки во првите девет месеци од 2020 година од друштвата чии хартии од вредност котираат на Македонска берза АД Скопје.
Вкупниот износ на остварени нето добивки на друштвата од стопанството, чии хартии од вредност котираат на берза за првите девет месеци од 2020 година се намалил за 14,99% во однос на вкупниот износ на остварени нето добивки што овие друштва го оствариле за истиот период минатата година.
Вкупно остварениот износ на нето загуби за првите девет месеци од годината од 454.873.000 денари се должи на загубите генерирани од друштвата од стопанството, чии загуби во однос на истиот период минатата година, кога изнесувале 621.657.000 денари се намалени за 26,83%.