Биткоинот штотуку ја надмина границата од 50.000 долари и постави нов рекорд. Оваа најпопуларна криптовалута се тргуваше неколку минути по цена од 50.600 долари.
Првата и најпозната светска криптовалута продолжи со растот, инициран од односот на големите инвеститори кои почнаа сериозно да ги сфаќаат дигиталните средства. Синоќа биткоинот вредеше 49.998 долари, што значи дека зајакна за околу 70 проценти во текот на оваа година.
Растот на цената на биткоинот особено се засили откако производителот на електрични автомобили „Тесла“ објави дека вложил 1,5 милијарди долари во биткоин и дека ќе прифати плаќања во оваа дигитална валута.
Покрај „Тесла“, биткоинот во последните месеци забележа невидена побарувачка од бројни големи и мали инвеститори, кои најавија негово прифаќање како платежно средство.
Да потсетиме, многу експерти предвидуваат уште поголем раст на вредноста на биткоинот, до 100.000 американски долари, додека некои банкари се уште пооптимистични и најавуваат дека може да достигне 146.000 американски долари.