12.8 C
Скопје
15 септември, 2024
СТАНДАРД life
МК Сцена

Интервју со Јована Аврамовска: „Што го врти светот“ е за публика која сака да гледа напред, да создава и да учи

Преку поткастот „Што го врти светот“ сакаме гледачот да добие „животни лекции“ за тоа како нашите соговорници успеваат во она што го прават и да слушне нивно мислење за теми кои во моментов „го вртат светот“. „Што го врти светот“ е за публика која сака да гледа напред, да создава и да учи, вели во интервју за „Стандард лајф“ Јована Аврамовска, водителка на новиот поткаст, кој се занимава со успешни Македонци чии „иновативни, претприемнички паметни и креативни подвизи го обиколуваат светот“.

Јована, која пошироката јавност ја знае како поранешна водитлека на ТВ Сител и на хумористичната емисија „Фчерашни новости“, вели дека поткастот е на самиот почеток, сега ја градат публиката, а тоа значи многу повеќе работа.

-Но, за среќа сите кој работеле на „Што го врти светот“ се навистина возбудени за промената која можеме да ја направиме преку вакви содржини, истакна таа.

За тоа дали и пречи придавката „Јована Фчерашни“ по која стана доста популарна во јавноста, таа вели дека тоа е продолжение на сите успешни проекти на кои работела.

-Фчерашни беше храбар и успешен проект, кој даваше здрава критика на двете влади во тоа време, но и ја подигаше свеста за многу важни теми на релаксиран и хумористичен начин. Чест е да се работи на таков проект. Се надевам ќе ги има повеќе кај нас, истакна Аврамовска.

На прашањето како ги комбинира професионалните и личните обврски, со оглед дека пред две години стана мајка, Јована изјави дека работата во ЗМАИ е здрава за општеството, за неа и за нејзиното дете.

-Јас искрено верувам дека ако успееме барем нешто да смениме, мојот син ќе живее во подобра држава. Да се биде мајка на Илин е задоволство. Обврските се нормална работа, особено кога се соодветно распоредени во домот, порача таа во интервјуто.

„Што го врти светот“…од каде идејата за поткастот и на какви теми разговарате со своите гости?

-Преку мојата работа во ЗМАИ и во медиуми имав чест да запознаам многу инспиративни луѓе од Македонија. Од друга страна, со тимот често патуваме низ земјава и гледаме дека постои општо мислење дека ако останеш тука не можеш да успееш. Што е навистина тажно. Така дојдовме до идејата дека сакаме да гледаме повеќе примери за успешни луѓе од Македонија во медиумите. Далеку од тоа дека ги нема, но најчесто имаат кратки изјави и тоа е тоа. Сакав да им дадам поголем простор на луѓе кои прават иновативни, претприемнички паметни и креативни подвизи, кои го обиколуваат светот. Целта ни е публиката да види дека и од кај нас може да се успее. Преку поткастот сакаме гледачот да добие „животни лекции“ за тоа како нашите соговорници успеваат во она што го прават и слушне нивно мислење за теми кои во моментов „го вртат светот“. „Што го врти светот“ е за публика која сака да гледа напред, да создава и да учи.

Јована Аврамовска
Јована Аврамовска

Колку трае подготовката за еден ваков тип на поткаст?

-Па најмалку една до две недели зависно од темата. Јас уште пред да го поканам гостинот се подготвувам, за него, и секој гостин е поканет со причина. Следи средба со соговорникот, со цел двајцата веќе да се познаваме пред да седнеме пред камера. Паралелно, истражувачкиот тим во ЗМАИ, подготвува податоци кои се интересни а можеме да ги споделиме. Заеднички бираме теми за кои би разговарале. Следи подготовка на студио, барање на материјали кои би се пуштиле во тек на снимањето. Потоа следи монтажа и промоција. Ние сме на самиот почеток, сега ја градиме публиката и тоа значи дека мораме многу повеќе да работиме. Но, за среќа сите кој работеле на „Што го врти светот“ се навистина возбудени за промената која можеме да ја направиме преку вакви содржини.

Водителските води како да ве „влечат“, иако сте економист по струка и пред одреден период работевте во Министерството за финансии како портпарол. Сепак што повеќе ве привлекува, водителка на Сител телевизија или на поткаст?

-Па, не знам. Не ги гледам одделно. „Што го врти светот“ е медиумска содржина која треба да влијае на економското здравје на државата. Спој од двете мои професионални љубови – поквалитетни медиумски содржини и посилна економија/побогати граѓани. Работата во утринската програма во Сител беше паралелно со моите студии на Економскиот факултет на најкреативниот смер Е-бизнис. Па така, двете ме изградија. Можноста да работам на Фчерашни новости, како еден од најквалитетните ТВ проекти тогаш, е огромен дел од и ми даде многу способности. Дел од тимот на ЗМАИ го запознав додека бев во Министерството за финансии, каде најмногу научив за функционирањето на македонската економија. Секогаш го одбирам ЗМАИ поради слободата да ги спојам желбата за креирање подобра економија и економски силна младина со водителството.

Можеме ли да те очекуваме повторно во некоја нова ТВ „улога“?

Засега сум посветена на „Што го врти светот“, доколку се оди по планот, оваа содржина може да се развие и во ТВ формат. И оваа улога е некако нова за мене.

Ви пречи ли придавката „Јована Фчерашни“ по која станавте и доста популарна во јавноста?

-Не ми пречи, воопшто. Пред тоа бев Јована (помалата) од Сител, па од Министерство за финансии, за некои сега сум Јована од ЗМАИ. Тоа само зборува за квалитетот на проектите на кои работам изминатите 11 години. Фчерашни беше храбар и успешен проект, кој даваше здрава критика на двете влади во тоа време, но и ја подигаше свеста за многу важни теми на релаксиран и хумористичен начин. Чест е да се работи на таков проект. Се надевам ќе ги има повеќе кај нас.

Јована Аврамовска
Јована Аврамовска

Дали повторно би работиле на таков тип, да го наречеме комичен проект?

-Би работела на се што верувам дека прави добра промена во општеството. А насмеана и едуцирана публика, носи кон побогата јавност. Верувам во хуморот како лек за многу нешта, кои не мачат. Тој е дел од сите нас, и се надевам почесто ќе го гледаме во медиумите, без разлика дали ќе го „сервирам“ јас или некој друг.

Дел си и од Здружението за истражување и анализи ЗМАИ, чив проект е токму „Што го врти светот“. Како ги комбинирате своите професионални и приватни обврски со оглед дека пред две години станавте и мајка?

-Кога станав мајка, сфатив колку ми е важно да работам со тим со кој имаме слична работна етика. Пред се, ние се разбираме како луѓе, а со тоа и работата оди многу добро. Мојата работа во ЗМАИ е здрава за општеството, за мене и за моето дете. Јас искрено верувам дека ако успееме барем нешто да смениме, мојот син ќе живее во подобра држава. Да се биде мајка на Илин е задоволство. Обврските се нормална работа, особено кога се соодветно распоредени во домот.

Имате ли време за слободни активности и како го поминувате слободното време?

-Моите слободни активности вклучуваат: цртање, редење коцки, правење палачинки, читање сликовници, играње со топка, одење во парк и слично. Уживам да бидам дете после работно време. За мене луѓето се најважни, се трудам што повеќе да се дружам со моето семејство и пријатели. Тоа ми е половина здравје. Се трудам и да вежбам 3-4 пати неделно. А една од моите најзабавни активности е од време на време добро да се наспијам.

Р.Т.

Фото: Марио Андоновски

Поврзани вести

Интервју со Young Dadi: Долго време посакував да сум на местото на светските ѕвезди кои ги гледав секојдневно на телевизија

Urednik

Флипбук Филм Фестивал 2024: Најдобар филм во главната селекција за „Три птици“ на Зарја Менарт

Urednik

Дина Јашари има нова песна: Не сум твој сон

Urednik