СТАНДАРД life
МК Сцена

Интервју со Павловска: Секое парче го креирам како за себе, така се „огледувам“ во жените кои ќе ја препознаат мојата естетика

Јас не сум моден дизајнер и воопшто не целам натаму, туку како стилист сакам да ја пренесам мојата естетика која верувам дека ќе и се допадне на женската публика. Секое парче го креирам како за себе. Така се „огледувам“ во жените кои ќе ја препознаат мојата естетика, вели во интервју за „Стандард лајф“ Сашка Павловска – уметница, дизајнер, стилист.

Не може да одвои кој стил на облекување и е драг, бидејќи за Сашака „стилот на облекување е нешто што се трансформира заедно со неа како жена“.

-Во суштина сум жена која секогаш сака да биде убаво облечена и кога се „дотерувам“ , тоа го правам со многу љубов и внимание. Се што креирам сум јас. Јас сум инспирацијата, како што кажав погоре. Не диктирам мода, јас се изразувам себе и затоа не можам  да се наречам моден дизјанер, истакнува Павловска.

За тоа дали многуте активности влијаат на нејзиниот приватен живот, Сашка вели дека е доста динамично, но креативноста во работата многу повеќе ја исполнува одошто ја исцрпува.

-Наоѓам начин како ги организирам обврските, а притоа  приватниот живот да не биде „оштетен“. Со оглед на тоа дека сум родител на две веќе возрасни тинејџерки, слободното време за себе, сега го имам во поголема доза. Си верувам дека сум „на место“ секаде кај што сум потребна и тоа за сега успевам да го координирам без ништо да „трпи“, додава таа..

Лани имавте изложба „Перцепција“ преку која ја покажавте својата „уметничка страна“. Дали планирате нешто слично во иднина? Генерално, дали според вас се живее од уметност во земјава?

-Да. Минатата година ја реализирав мојата прва изложба „Перцепција“.

Секој еден со својот „животен куфер“ носи свои причини за лична перцепција. Оттука се иснпирирав  да ја творам изложбата и успеам да ја претставам преку различни медиуми со цел да предизвика дразба за различни сензибилитети.

Креативноста во мене бараше начин да се изрази  преку различни аспекти, бидејќи тоа го опишува и мојот „шарен“ карактер. Тргнувајќи од изборот на просторот  и создавањето на амбиент кој совршено ќе ја долови апликативноста на делата во даден простор и ќе го  инспирира   секого како да го види било кое уметничко парче  во својот  простор.

Мојата уметничка страна тлееше долги години во една интимна атмосфера од причина што „живееше“  во форма на хоби, но во пандемијата  ми  се случи конекција со креативноста на еден подлабок  начин од каде што одлучив да го погледнам овој аспект од себе на искрен начин од каде што проникна пред се храброст да му дадам значење како на нешто сум ЈАС , а не само еден аспект од мене. Секако дека имав дијалози со себе, во смисла,  колку сум  храбра тоа што го гледам  внатре  да го „ разголам“ и покажам надвор, но одлучив да ги сменам улогите во професионалниот живот. Моето хоби да стане професија!

Насоченоста во оваа смисла ми отвори нови можности за себереализација.

За сега немам временска рамка. Јас секако продолжувам да создавам, а  самиот процес на креирање  ќе си донесе зрелост за следен таков предизвик во форма на изложба или слично.

До тогаш, социјалните медиуми ќе бидат местото каде што секој  ќе има можност да ја следи мојата креативна приказна.

Може да се живее, но потешко! Живеењето  од уметноста според мене, потребно е да се перципира во одредена доза и како  бизнис модел на свој  креативен начин, но никако да  се „повредува“ чистата инспирација на создавање на уметноста во било каква форма поради ефект на „математичка оправданост“.

Како се развива вашиот бренд „Аматеаура“? Вашите парчиња можат да се видат на доста познати дами?

-Изложбата си ефектираше еден природен тек на креативната слика во кој правец ќе еволуира. Тоа и го очекував дека  ќе се случува, бидејќи во еден момент инспирацијата и креативноста си го покажуваат патот каде и како да се продолжи. Брендот „Аматеаура“ како првична замисла преживеа и се уште преживува еден вид на трансформација и решив дека тој процес нема да го прекинувам додека го бара тоа од себе, бидејќи уметноста не може да се стави во рамка ако живо се следи инспирацијата. Во контекст на тоа, се уште му давам можност на концептот за брендот сам да се дооформи.

 Амернис Нокшиќи
Амернис Нокшиќи

За сега сум насочена кон креирање на сезонски модни парчиња за жени , редизајнирање на македонски носии за кои размислувам да ги одвојам како „парче“ креативен израз, и на другата страна, сликарството и ѕидните дизајнирани чинии како друг уметнички концепт. Она што за мене е важно, да си  дозволам да дишам заедно со целата креативна енергија која верувам во еден момент ќе си покаже точно што сака од мене. Сега креирам, верувам и сакам да сум ова што сум.

Да. Имам убав фидбек за сега и се радувам поради тоа.Тоа и ме движи низ целиот процес. Јас не сум моден дизајнер и воопшто не целам натаму, туку како стилист сакам да ја пренесам мојата естетика која верувам дека ќе и се допадне на женската публика. Секое парче го креирам како за себе. Така се „огледувам“ во жените кои ќе ја препознаат мојата естетика.

Кој стил на облекување ви е „драг“ и дали нешто од тоа внесувате во вашите креации?

-Не можам да одвојам кој стил на облекување ми е драг, бидејќи за мене стилот на облекување е нешто што се трансформира заедно со мене како жена. Некогаш знам да бидам многу динамична и колоритна во стилот на облекување, а некогаш имам потреба да бидам минималистично  стилизирана. Но во суштина сум жена која секогаш сака да биде убаво облечена и кога се „дотерувам“ , тоа го правам со многу љубов и внимание. Се што креирам сум јас. Јас сум инспирацијата, како што кажав погоре. Не диктирам мода, јас се изразувам себе и затоа не можам  да се наречам моден дизјанер.

Има ли модна сцена во Македонија? Кој најмногу ја диктира?

-Сметам дека имаме многу талентирани и успешни дизајнери. Не си дозволувам да кажам дека имаме модна сцена во Македонија. Далеку сме од можноста да се ужива модна сцена по високи критериуми, но не сакам критички да анализирам, бидејќи многу фактори диктираат успех и висока естетика на оваа тема.

Не може модната сцена да ја диктира само модниот дизајнер. Многу фактори се клучни за големата слика. Она што можам да го кажам, е  дека имаме женска публика со висока модна естетика.

Не ви е непозната и стендап сцената. Ве видовме и како стилист на стендап женските комичарки во „Јавна соба“. Каков е предизвикот да се  биде стилист на женска комедија?

-Прекрасен предизвик за еден стилист/ костимограф. Интересна  авантура  е да се биде дел од тимот на стендап комедијата „Girls night“ која продолжува и во следната сезона. Четири различни актерки/ девојки со различни лични приказни кои на сопствен начин ме инспирираа да ги стилизирам, а притоа и да ја доловам автентичноста на ликот кај секоја од нив. Во една ваква конотација, како стилист/костимограф имам одговорна задача која пред се бара да се биде во синхронизација со сите аспекти за успешно реализирано сценарио.

Работите и како едиторијал стилист за брендот April22? Може ли нешто повеќе да ни раскажете и за тоа искуство?

-April22  е македонски бренд кој ги произведува првите биоразградливи хулахопки со Алое Вера во свет. За мене, исклучително автентично искуство, бидејќи сум пред се дел од тим кој застапува  еколошки свесен бренд.

Предизвикот да се создаде сценарио за едиторијал, кампања и сл. претставува  длабоко инспиративен процес, пред се  поради фактот каква одговорност носи производот/брендот сам по себе, а потоа и привилегијата да ја дадам својата визулена естетика, а притоа да се доживее автентичната порака.

Премногу активности. Дали тоа можеби влијае на вашиот приватен живот или успевате „да стигнете секаде“?

-Можам да кажам дека е доста динамично, но креативноста во работата многу повеќе ме исполнува одошто ме исцрпува. Наоѓам начин  како ги организирам обврските, а притоа  приватниот живот да не биде „оштетен“. Со оглед на тоа дека сум родител на две веќе возрасни тинејџерки, слободното време за себе, сега го имам во поголема доза. Си верувам дека сум „на место“ секаде кај што сум потребна и тоа за сега успевам да го координирам без ништо да „трпи“. Најважно е што уживам во се што правам откако решив да го трансформирам професионалниот живот.

Сашка уметницата, дизајнерката, стилистката…. Каде ќе ги насочите силите во иднина на професионален план?

-Она што ми е најважно е да ја задржам автентичноста во се што создавам/креирам. Предадена сум на процесот и му дозволувам да ми го покаже патот до вистинската форма. Сакам да се посветам и на сликарството кое во моментот е малку во сенка, бидејќи самиот процес си бара друга динамика. Професијата како стилист и мејкап артист да ги спојам во  еден концепт со креирањето на женски модни парчиња, а соработката како стилист/костимограф на стендап комедијата „Girls night во „Јавна соба“ и едиторијал стилист на  „April 22“ остануваат како засебни ангажмани.

Р.Т.

Поврзани вести

Македонија 16 години без својот музички ангел Тоше Проески

Radmila Tasevska

Калиопи со детали за трагедијата на нејзиниот концерт

Radmila Tasevska

📽„Сите светла“ е најновиот музички проект на Лара Иванова во дует со Јосиф Ристовски

Radmila Tasevska