Кристин Кабот, извршна директорка на одделот за човечки ресурси, конечно проговори за виралниот инцидент на концертот на бендот „Колдплеј’ во Бостон, каде што беше фатена во интимна прегратка со нејзиниот тогашен шеф, поранешниот извршен директор на „Астрономер“, Енди Бајрон.
Кабот тврди дека немало сексуална врска меѓу нив.
Инцидентот се случил на 16 јули, кога двајцата биле фатени како се прегрнуваат на масивниот џамботрон, што веднаш го привлече вниманието на публиката. Сфаќајќи дека ги снимаат, тие брзо се разделија и се обидоа да се сокријат.
Кабот (53), молчеше за инцидентот во последните пет месеци, но сега, во интервју за „Њујорк тајмс“, таа го опиша инцидентот како еднократна грешка предизвикана од алкохол.
– Направив лоша одлука. Испив неколку коктели, танцував и се однесував несоодветно со мојот шеф. И тоа не е помалку сериозно. Презедов одговорност и ја жртвував мојата кариера – рекла Кабот.
Таа додаде дека поради инцидентот, доживеала осуда од јавноста, како и навреди и закани – наведува дека добила повеќе од 60 закани по нејзиниот живот.
– Сакам моите деца да знаат дека сите можеме да правиме грешки, дека понекогаш правиме сериозни грешки. Но, тоа не значи дека некој може да им се заканува со смрт поради тие грешки – објаснила таа.
Што точно се случи?
Пред инцидентот на концертот, Кабот признава дека имала слабост кон Бајрон и била возбудена што ќе го запознае со своите пријатели. Сепак, тврди дека до таа вечер дури не се ни бакнале.
За време на ВИП секцијата од концертот, тие пиеле коктели со текила, танцувале и се бакнале – што, според Кабот, било прв и последен пат. Кабот го опишува моментот како „клише“ и признава дека длабоко жали за тоа.
По скандалот, Кабот се повлече од јавноста. Нејзиниот фокус бил на нејзините две деца-тинејџери, компанијата за која работела – технолошкиот стартап „Астрономер“ – и нејзиниот личен живот, кој веќе се распаѓал. Кристин била во процес на развод од својот втор сопруг, Ендру Кабот, и сè што можела да помисли во тој момент било: „Повредив луѓе. Повредив добри луѓе“.
Реакција на публиката и музичарите
Инцидентот стана вирален уште повеќе кога фронтменот на „Колдплеј“, Крис Мартин, коментираше на концертот:
– Или имаат афера, или се многу срамежливи – ѝ рече тој на публиката.
Бајрон, гледајќи се себеси на џамботронот, наводно промрморел:
– По ѓаволите, па тоа јас сум.
На социјалните мрежи, таа беше нарекувана со погрдни имиња – од „љубовница“ и „спонзоруша“ до „уништувачка на семејството“. Нејзиниот изглед беше анализиран, а нејзиното понижување се претвори во забавна содржина.
Познати луѓе – од Вупи Голдберг до Гвинет Палтроу – па дури и маскотата на спортски тим учествуваа во нејзиното јавно дискредитирање. Фотографиите кружеа, се правеа шеги, а емпатијата речиси и да не постоеше.
Ситуацијата брзо се претвори во сериозен безбедносен проблем. Кабот беше „линчувана“, добивала неколку стотици повици дневно, папараците постојано биле нејзината куќа. Добивала и закани со смрт.
„Не беа малку. Имаше десетици“, рече таа. „Моите деца се плашеа дека ќе умрам. Дека сите ќе умреме.“
Во исто време, тогашниот сопруг на Кабот, Ендру, бил на концертот со своја придружничка. Двојката била во брак две години, но веќе била разделена во времето на инцидентот.
