Американски истражувачи развија нова батерија за електрични автомобили што се полни за само 10 минути и може да обезбеди 400 километри возење со едно полнење.
Електричната батерија е изработена од литиум железен фосфат, кој е познат по својата „ненадмината безбедност“. Може брзо и да се загрее и да се олади – и ова, според научниците, е „клучот за брзо полнење и долг век на траење“, објави „DailyMail“.
Системот може да се справи со километражата – најголемиот страв на возачите дека нема да имаат доволно полнење во своето електрично возило (ЕВ) и нема да можат да стигнат до нивната дестинација. Оваа загриженост се наведува како главна причина што многу луѓе се воздржуваат од замена на моторите со внатрешно согорување со електрични.
Истражувачите велат дека новата батерија е способна да обезбеди енергија за повеќе од 3,5 милиони километри во текот на својот живот. Според нив, батеријата може да стане „добро дизајниран енергетски систем за електрични возила за масовниот пазар“ доколку биде комерцијализирана.
„Нема повеќе да се грижиме за километражата, а батеријата е достапна“, рече Чао-Јанг Ванг од Државниот универзитет во Пенсилванија (познат и како Пен). „Многу брзото полнење ни овозможува да ја намалиме големината на батеријата без да се грижиме за километражата“.
Електричен автомобил со таква батерија може да забрза до 100 км / ч за околу три секунди. „Во него ќе се чувствувате како во Порше“, додаде Ванг.
„Развивме прилично паметна батерија за електрични возила за масовниот пазар, постигнувајќи паритет на трошоците за возилата со мотори со внатрешно согорување“, вели Ванг.
„Така ќе ја промениме животната средина – и нема да допринесуваме само за луксузните автомобили. Нека можат сите да си дозволат електрични возила“, заклучи тој.
Батериите имаат три главни компоненти – анода, катода и електролит. Бидејќи литиумот е многу реактивен елемент, тој складира голема количина на енергија, па затоа е најпосакуван за батериите. Но, литиум-јонските батерии традиционално користат течен електролит (запалива течност базирана на јаглерод), што понекогаш предизвикува проблеми и се наведува како причина за многу случаи на батерии што избиваат во пламен кога се прегреваат, на пример.
Литиум железните фосфатни батерии се означени како побезбедна алтернатива. Како катоден материјал користат литиум железен фосфат (LiFePO4), веќе се тестирани на електрични возила и се познати по нивната безбедност.