Сите граѓани кои скенираат фискални сметки и учествуваат во мерката „МојДДВ“ од 25 ноември ќе бидат учесници во наградната игра „МојДДВ Моја Награда“. Предвидени се награди на дневно ниво и 15 награди на месечно ниво и две главни награди. Фондот е 31 милион денари и сите награди се парични.
Според министерката за финансии Нина Ангеловска, тоа е унапредување на мерката мој ДДВ која дава резултати и ќе биде дополнителен мотив на граѓаните во борбата против сивата економија.
– Наградната игра МојДДВ #МојаНаграда е еден вид унапредување на мерката која до сега даде резултати. При креирањето на наградната игра тимот кој работеше ги зема предвид и бројните предлози што пристигнаа од граѓаните и задоволство ми е да ви кажам дека добар дел од нив ќе бидат и инкорпорирани во унапреденото решение. Исто така беа земени предвид успешни најдобри практики од други земји. И не само тоа туку одиме чекор повеќе и покрај наградувањето Наградната игра има и едукативни елементи кои ќе влијаат на финансиската писменост, изјави министерката Ангеловска.
Апликацијата мојДДВ има 200 илјади инсталации и на месечно ниво се скенираат над 7,5 милиони сметки од страна на над 150 илјади активни корисници кои скенираат. Министерката потенцира дека на крајот на годината преку оваа мерка кај граѓаните ќе бидат вратени три милиони евра за првите три месеци откако почната мерката.
– Граѓаните ќе добијат парични награди при скенирање на фискалните сметки дополнително од повратот кој е гарантиран и кој изнесува 15 отсто од ДДВ на фискалната сметка. Повратот ќе продолжи и во декември ќе биде направена првата исплата во износ од три милиони евра назад кон граѓаните, додека со наградната игра овозможуваме дополнително стимулирање и мотивирање на граѓаните да учествуваат во борбата против сивата економија, појасни министерката.
Таа рече дека при креирање на решението се земени предвид и искуствата од 10 земји, а го наведе примерот на Тајван каде во 1951 година адресира сива економија со наградна игра и ја намалува даночната евазија за 75 отсто и ја користат до денес.
Според Ангеловска, важно е да се оди со начин да се наградат граѓаните, а не со казнување.
– Да ги наградиме граѓаните кои ќе учествуваат во борбата против сивата економија и кои со ова решение ќе имаат причина плус да ги скенираат фискалните сметка. Кога нема да добијат да побараат, кога нема да добијат да пријават за да може УЈП да постапи. Мерката враќа пари кај граѓаните, ја зајакнува фискалната дисциплина и благодарение на технологиите ќе имаме и едукативна компонента во целото ова решени, рече Ангеловска.
Наградната игра е на Министерството за финанси и Управата за јавни приходи, а ќе ја организира Државна лотарија на Македонија и ќе трае една година.